Ekipa
09 Јули 2019•Ажурирај: 10 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) - Авионите на режимот на Башар ал Асад, во деескалационата зона во Идлиб извршија воздушен напад врз селото Дејр Шарки во кое се наоѓа камп со цивили кои биле приморани да ги напуштат своите огништа. Во нападот животот го загубија четири лица, од кои три деца и една жена, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили кои ги сочинуваат војската на режимот на Асад и странските терористи поддржани од страна на Иран, од утринските часови започнаа со воздушни и копнени напади врз местото Хан Шејхун, појасите Бидама и Тефтеназ и селата Кефет Батих, Наџије и Дејр Шарки, кои се наоѓаат до деескалационата зона во Идлиб.
Според информациите добиени од Цивилната одбрана („Бели шлемови“), животот го загубиле четири цивили, од кои три деца и една жена, а има голем број ранети цивили.
Ранетите цивили се префрлени во локалните болници на лекување.
- Состојбата во деескалационата зона во Идлиб -
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб, поради внатрешните миграции брои околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за деескалациона зона.
Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои ги извеле припадниците на Асадовиот режим и неговите сојузници од 26 април до 23 јуни на споменатото подрачје, животот го загубиле 487 цивили, а 1.495 се ранети.
Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили (SMDK), вчера во утринските часови упати повик со кој се бара заштита на цивилите и ставање крај на нападите на режимот и неговите поддржувачи врз подрачјето за намалување на тензиите во Идлиб.