Halit Süleyman,Ayşe Aktaş
31 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
ДАМАСК (АА) - Завршена е евакуацијата на ранетите борци на страна на сириската опозиција и цивилите од долината Барада, која беше цел на нападите на режимот и неговите поддржувачи. Последниот конвој што од долината тргна во утринските часови, стигна на периферијата на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
АА дознава дека последниот конвој со луѓе кои морале да ја напуштат долината се состои од 70 ранети борци на опозицијата и 800 цивили. Конвојот што тргна во утринските часови се состои од 19 автобуси.
Ранетите и цивилите се сместени во подрачјата Сармин и Арихах, како и во бегалскиот камп „Дејр Хасан“ во Саракиб.
Првата група од 1.300 лица сместени во 42 автобуси и 11 возила на итна помош вчера пристигнаа на периферијата на Идлиб.
Долината ќе ја напуштат и припадниците на опозицијата, кои се наоѓаат на нејзините граници, во рок од 24 часа откако припадниците на опозицијата ќе ја напуштат внатрешноста.
Оние што нема да сакаат да ја напуштат Барада и ќе сакаат да останат таму, ќе можат тоа да го сторат единствено ако ги почитуваат правилата на режимот.
Режимските сили и поддржувачите на режимот, и покрај договорот за прекин на огнот, кој со посредство на Турција и Русија беше постигнат на 30 декември, продолжија да ја напаѓаат долината.
Долината претходно не беше подрачје на судири, но стана цел на напади по евакуацијата на цивилите и припадниците на опозицијата од Алепо.
И покрај статусот на Русија како земја-гарант, сириската војска и Хезбола во рок од пет недели интензивно ја бомбардираа долината којашто е под опсада.
Долината Барада од центарот на Дамаск е оддалечена 16 километри, односно 12 од границата со Либан. Во неа се наоѓаат и изворот Ајн aл-Фијах, кој е еден од главните извори за пивка вода за главниот град.
Речиси 100.000 Сиријци кои побегнаа од судирите во Сирија пронајдоа дом во долината, на површина од 12 квадратни километри.