Ömer Koparan,Ethem Emre Özcan
01 Април 2021•Ажурирај: 03 Април 2021
АЛ БАБ
- Омер КОПАРАН / Етем Емре озџан
Војната во Сирија го уништи детството на милиони деца кои пораснаа со звукот на бомбите и оружјето и во сиромаштија. И сестрите Газле и Кифа се едни од нив. Продаваат шеќерна волна на улиците на Ал Баб на северниот дел на Сирија и сонуваат за денот кога ќе седнат во школските клупи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека нивните врсници растат со бајки, седумгодишната Газле и десетгодишната Кифа продаваат шеќерна волна, која со години помага во преживувањето на ова семејство.
Според податоците на Фондот на ОН за децата (UNICEF), поради војната во Сирија, која трае веќе десет години, 2,4 милиони деца во земјата и 750.000 надвор од Сирија не се во можност да следат настава. Во Сирија, каде што на речиси 6,1 милион деца им е потребна помош, приближно 2,6 милиони деца се раселени во земјата.
Газле и Кифа се само едни од милион деца на кои граѓанската војна во Сирија им го уништи детството.
Таткото Саид Хамса (38) по инцидент на работа останал инвалид и не е во состојба да работи, па семејството го издржуваат овие две девојчиња.


Кифа поголем дел од денот го поминува пред паркот во кој играат децата и продава шеќерна волна. Најголем сон на ова девојче, кое е родено истата година кога и започна војната во Сирија, е да оди на училиште.
„Имам десет години. За да им помогнам на родителите, веќе четири години продавам шеќерна волна. Мојот татко има проблеми со грбот. Многу се плашам од звукот на бомбите, авионите и оружјето“, раскажа Кифа.
Таа има желба да биде наставничка.
„Сакам како и другите деца да станам наутро, да се облечам и да одам на училиште. Се надевам дека ќе научам да читам и пишувам“, изјави Кифа.
Шеќерната волна, која ја продава во центарот на градот, ја подготвува нејзиниот татко дома. Заработката се разликува од ден во ден.

И нејзината седумгодишна сестра Газле живее во сиромаштија и сонува за училиште.
Нивниот татко Саид Хамса, исто така сака Кифа и Газле да одат на училиште.
„Единствена желба ми е моите деца да се разбудат наутро и наместо да влечат количка со шеќерна волна, да носат книги и училишна торба во рацете“, рече Саид.

Поминаа цели десет години од почетокот на граѓанската војна во Сирија. Крајот на војната не е на повидок ниту една деценија по почетокот на крвавата пресметка помеѓу режимот на Башар ал Асад и опозициските групи, а само договорот меѓу Турција и Русија овозможи речиси 300.000 луѓе кои претходно беа протерани од своите домови, да се вратат во Идлиб минатата година.
Пред војната, Сирија имаше околу 22 милиони жители, а според Комесаријатот на ОН за бегалци (УНХЦР), најмалку 6,6 милиони Сиријци беа принудени да ја напуштат земјата. Турција сама се погрижи за најмалку 3,6 милиони Сиријци во прогонство.
Канцеларијата за координација на хуманитарни работи (OCHA) соопшти дека најмалку 6.702.000 лица биле раселени и во Сирија, а најмалку 13 милиони луѓе во Сирија зависат единствено од хуманитарна помош.
