Ömer Koparan,Adham Kako
13 Февруари 2018•Ажурирај: 14 Февруари 2018
АЗАЗ (АА) - Омер Копаран/Адам Како -
Иако припадниците на Вооружените сили на Турција (ТСК) и Слободната сириска војска во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, започната на 20 јануари во Африн, од терористите ослободија многу околни села, безбедносната закана сè уште не е исчезната во потполност, јавува Anadolu Agency (AA).
Екипите на контрадиверзантската заштита работат на онеспособување на експлозивните средства кои терористите претходно ги поставиле.
Имено, терористите пред бегството од подрачјата над кои имале контрола користеле многу методи за да го забават напредокот на Турските вооружени сили и Слободната сириска војска, и да го спречат враќањето на цивилите во своите домови.
Тимовите од експерти настојуваат да ги отстранат експлозивните направи поставени на повеќе точки во селото Дикметаш.
Командантот на Слободната сириска војска, Ебу Ахмет Шами, за АА изјави дека работат на отстранување на заканата од селото Дикметаш кое на 5 февруари во рамките на операцијата „Маслинова гранка“ е ослободено од терористите.
„Откако го ослободивме селото, забележавме дека припадниците на ПКК во куќите на цивилите поставиле мини“, појасни Шами.
Тој додаде дека експлозивните средства биле сокриени на многу места.
„Работиме на нивно отстранување и затоа моментално не им дозволуваме на цивилите да се вратат дома“, додаде тој.
Шами истакна дека терористите кои побегнале од селото поставиле мини дури и во складиштата со маслинки.
„Покрај тоа, мините ги сокриле и под телата на другите терористи кои ги оставиле во селото. ПКК ги принуди селаните да ги напуштат домовите, а потоа сè минираше“, изјави Шами.
Турските вооружени сили и Слободната сириска војска од почетокот на операцијата во Африн, на 20 јануари, ослобоија вкупно 51 точка, вклучувајќи еден град, 36 села и 14 стратешки важни планини и брда.