Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Selen Temizer,Ömer Koparan
15 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
ИДЛИБ (АА) - Бегалските кампови во близина на сириско-турската граница се еден од најдобрите показатели за цената на војната во Сирија што ја плаќаат цивилите, јавува Anadolu Agency (AA)
Војната во Сирија започна во март 2011 година, а податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека околу 5,6 милиони цивили добиле статус на бегалци. Се проценува дека бројот на раселени лица достигна 6,5 милиони, од кои 2,8 милиони се деца.
Околу еден милион раселени Сиријци се наоѓаат во камповите во близина на турската граница.
Само во бегалските кампови во селото Aтма, кое припаѓа на сирискиот Идлиб има околу 300.000 бегалци. Голем број луѓе кои живеат тука се цивили што ги загубиле своите блиски во режимските напади.
На снимките на Anadolu Agency (AA) направени со дрон може да се види животот на бегалците во импровизираните шатори.
Ум Ајд (50) од Идлиб, живее шест години во шатор, далеку од дома. Таа е загрижена дека не може да се врати во куќата сè додека не заврши војната. Ајед додаде дека режимот на Асад и понатаму од воената база Јурин ги напаѓа селата во Латакија.
„Ние можеме да се вратиме дома само кога режимот на Асад ќе падне“, вели Ајед.
Во бегалскиот камп живее и Абдулрахман Латуф кој рече дека домот морале да го напуштат во 2013 година, откако странските сили што го поддржуваат режимот на Асад почнале со работа во областите Кусајр и Каламун, во предградието Дамаск.
„Навечер легнуваме во надеж дека утре ќе се вратиме. Надежта е она што пет години нè одржува во живот и на нозе“, додаде Латуф кој во 2011 година се стекнал со титулата градежен инженер.
Тој додаде дека неговите најпродуктивни години поминале и оти не можел да се посвети на неговата професија.
„По завршување на војната, ќе ја направиме куќата што е можно поскоро“, рече Латуф.
Седумгодишниот Омер не се сеќава кога го напуштиле селото и кога дошле во бегалскиот камп. Единственото нешто на што се сеќава се режимските напади поради кои морале да го напуштат тоа подрачје. Тој рече дека дома може да се вратат само ако нападите престанат.
Ахмет Зарзур (27) го напуштил селото Ел-Хабит во Идлиб пред шест години.
„Нашата куќа е на периферијата на Идлиб во близина на областите што се под опсада од режимот на Асад. Бомбардирањето продолжува. Ќе се вратиме кога војната ќе заврши и кога режимот ќе падне. Се надевам. Најтешко е да бидеш оддалечен од семејството“, додаде тој.