Alperen Aktaş
28 Декември 2024•Ажурирај: 28 Декември 2024
ДАМАСК (АА) - Во населбата Кабун во Дамаск, Сиријците се борат да ги обноват своите животи по уништувањето предизвикано од режимот, јавува Анадолу.
Највидливите лузни од 13-годишната граѓанска војна се во Кабун, каде Сиријците се бореа за слобода против режимот на Башар ал-Асад.
На 6 километри од центарот на Дамаск, Кабун некогаш беше дом на фреквентна чаршија на кројачи со население од речиси 100.000 жители.
Денес, голем дел од Кабун е претворен во урнатини, остатоци од угнетувањето на режимот на партијата Баас. Некои остатоци се и масовни гробници, велат жителите.
Во блиската населба Тишрин, повратниците живеат без струја и вода, опкружени со згради уништени од шрапнели, куршуми и пожар.
Остатоците од бомбите што ги користеле Асадовите војнци и неговите сојузници се наоѓаат на покривите на неколкуте куќи кои останале. Среде урнатините, децата си играат, симболизирајќи ја надежта за подобра иднина.
- Семејството Ал-Мери живее во последната неурната куќа -
Семејството Ал Мери, таткото, синот и внукот, живее во последната неуништена куќа во Кабун.
Самир ал-Мери (58) живее во Кабун од 1980-тите. Пред војната, населбата беше дом на луѓе од цела Сирија, Ирак и Јемен, со раздвижен кројачки пазар.
„Кројачката чаршија порано беше многу фреквентна. Сега не остана ништо. Целосно е уништен“, истакна Самир.
Тој ја сподели болката од загубата на својот син во 2012 година, кој бил приведен од режимот. „Останав овде среде бомбардирањето до 2015 година, надевајќи се дека ќе го најдам. Видов речиси 300 тела на улиците, егзекутирани со истрели во главата“, рече тој. „На крајот изгубив надеж. Имавме четири куќи, но сега остана само една“.
Самир добил потврда дека неговиот син Фарис починал во 2016 година во затворот Седнаја, познат како „кланица на луѓе“.
Неговиот друг син е убиен во израелски воздушен напад за време на задолжителната воена служба во близина на база во која биле сместени иранските сили.
- „Се чувствував како криминалец во сопствената земја“ -
Синот на Самир, Ахмед (40), побегнал од бомбардирањето во 2016 година и се вратил во Кабун во 2021 година.
„Живеевме на фарма. Луѓето на режимот контролираа сè - нашата куќа, автомобил, имот – сето тоа им припаѓаше ним“, рече Ахмед.
Ахмед, кој ја избегнал воената служба, раскажа дека по враќањето во Сирија војската се обидела насилно да го регрутира.
„Сега имам 40 години, што би можел да правам во војска? Имам пет деца. Кој ќе се грижи за нив? Против кого би се борел? Против Сиријците како мене?“, праша тој.
„Секогаш се чувствував како криминалец во мојата земја. Постојано трчав, давав мито на секој контролен пункт. Ми се заканија дека ќе ме испратат во Седнаја. Куќата ми беше ограбена. Среќен сум што режимот падна“, додаде тој. „Среќен сум за моите деца. Сега можам слободно да патувам без контролни пунктови или прашања“.
- „Режимот ми го зеде детството“ -
Мухамед (22), најмладиот член на семејството Ал Мери, рече дека неговото детство е обележано со „бомбардирање, бомби и експлозии“.
„Режимот ми ги зеде детството, младоста, животот. Не ми остана ништо. На 22 години го започнувам животот од нула“, рече тој. „Бев дезертер, се криев дома. Се обидоа да ме натераат да се приклучам на војската“.