Adham Kako,Mohamad Misto
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
ДЕРА (АА) - Јужниот сириски град Дера е познат како место каде што започнаа антирежимските протести на сирискиот народ, кои по интервенцијата на силите лојални на режимот на претседателот Башар ал Асад прераснаа во граѓанска војна што и понатаму трае. Градот веќе подолго од три години е под опсада и постојано е изложен на артилериски напади, а денес е опустошено место коешто најдобро зборува за голготата од сириската војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерската екипа на АА со дрон го сними разурнатиот град Дера во кој станбените населби, пекарниците, болниците и објектите на јавната управа се урнати во потполност.
Некогаш најразвиените и најнаселните квартови Арбаин, Сувејдан и Јордански пат се во потполност урнати и личат на сцени од филмовите за апокалипсата.
Само правливата и оштетена реклама на кафулето и маркетот „Велид“ во центарот на Дера останаа како трага и сведочат за најпрометното место во градот.
Градот и понатаму е под контрола на силите на сириската опозиција, а силите лојални на сирискиот режим од почетокот на февруари постојано вршат воздушни и артилериски напади со цел да ја преземат контролата во градот.
Повеќе од 70 отсто од објектите во квартот Дераа Белед се во потполност разрушени, а локалното население веќе е побегнато на периферијата од градот.
Дера е град којшто се состои од два дела Дераа Махата во северниот и Дераа Белед во јужниот дел. Северниот дел го контролираат силите на режимот на Асад, а јужниот дел во кој е сместен и центарот на градот, го контролира опозицијата.