Adham Kako
21 Август 2017•Ажурирај: 21 Август 2017
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека по нападот со хемиско оружје во 2013 година, на територијата на Источна Гута, во главниот град Дамаск, при што животот го загубија 1.400 лица, режимот на Асад уште 174 пати употребил хемиско оружје во своите напади, јавува Anadolu Agency (AA).
СНХР објави извештај во којшто се опфаќа период од 4 години по нападот со хемиско оружје на 21 август 2013 година. Во извештајот се наведува дека и покрај договорот меѓу САД и Русија од септември 2013 година, кој предвидуваше уништување на резервите на хемиско оружје, режимот на Асад продолжил со напади со ова оружје.
Според извештајот, по нападот со хемиско оружје во подрачјето на Источна Гута, режимот уште најмалку 174 пати извршил напади со хемиско оружје во различни делови на земјата.
Интересен е фактот што овие напади се извршени по усвојувањето на разолуцијата 2118, на 27 септември 2013 година, од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), кој се состана по масакрот со хемиско оружје изведен од страна на режимот на Асад во Источна Гута.
- По масакрот во Хан Шејхун, хемиско оружје било користено уште 5 пати -
Во извештајот се наведува дека по нападот со хемиско оружје на 4 април годинава, во подрачјето на Идлиб, подрачје под контрола на опозицијата, режимот на Асад уште најмалку 5 пати употребил хемиско оружје во различни делови од земјата.
„Само 72 часа по нападот во подрачјето на Хан Шејхун, режимот во областа Кабун во Дамаск изврши напад со бомби во коишто имало хлорен гас, за да може да ги врати териториите што беа под контрола на опозицијата“, се наведува во извештајот.
„За време на граѓанската војна во Сирија, Русија и Кина 7 пати го искористија правото на вето во корист на режимот на Асад. На тој начин, режимот на многу комфорен начин продолжува со масакрот. Режимот ќе продолжи да го бомбардира народот на Сирија со хемиско оружје“, се вели во извештајот.
Во нападот со хемиско оружје што режимот на Асад го изведе на 21 септември 2013 година, во подрачјето на Источна Гута во Дамаск, животот го загубија повеќе од 1.400 цивили, а повеќе од 10.000 беа ранети, од кои поголемиот дел жени и деца.
По нападот, САД ја предупредија Сирија дека е мината „црвената линија“ и се очекуваше американска интервенција. Русија предложи да се уништат сите резерви со хемиско оружје на силите на режимот, со што интервенцијата беше запрена. Страните постигнаа договор на 15 септември 2013 година, а откако во договорот се приклучи и Организацијата за забрана на употребата на хемиско оружје, започнаа работите околу уништувањето на хемиското оружје. Оваа организација на 19 август 2014 година објави дека се уништени резервите на хемиско оружје во Сирија.