12 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
КАИРО (АА) - Суецкиот Канал во Египет забележа најголем годишен приход во историјата во текот на последната фискална година што заврши во јуни, во услови на подобрување на поморскиот сообраќај, јавува Агенција Анадолија (АА).
Осама Раби, раководителот на Управата на Суецкиот Канал, во неделното соопштение истакна дека најважната бродска рута регистрирала најголем годишен приход во својата историја на крајот на јуни, со вредност од 5,84 милијарди долари, во споредба со 5,72 милијарди долари за фискалната година 2019/2020 година.
Раби рече дека поморскиот сообраќај низ Каналот значително се подобрил од почетокот на 2021 година, на 9.763 бродови во споредба со 9.546 бродови на годишно ниво, со пораст од 2,3 отсто.
Околу 12 отсто од вкупната светска трговија поминува низ Суецкиот Канал, кој го скратува растојанието помеѓу исток и запад за 35 отсто во споредба со рутата околу 'Ртот Добра Надеж.
Приходите на Каналот во текот на првата половина на 2021 година изнесуваат 3 милијарди долари, наспроти 2,76 милијарди долари за истиот период минатата година, што претставува пораст од 8,6 отсто.
„Флексибилните политики за маркетинг и цените донесени од раководството успеаја да ја задржат стапката на бродови што го преминуваат Каналот и да ја добијат довербата на клиентите“, рече Раби.
Тој нагласи дека доделените стимулации и намалувања одиграа значајна улога во постигнувањето бум во зголемувањето на стапките на транзит на носачите на течен природен гас [LNG], бродовите со контејнери, превозниците на автомобили и бродовите за сува стока во првата половина.“
Според официјалниот претставник, во тој период бројот на носачите на течен природен гас се зголемил за 24 отсто, бродовите со контејнери за 9,7 отсто, носачите на автомобили за 27,8 отсто и бројот на бродовите за сува стока за 5 отсто.