Ekipa
28 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, оваа недела во Женева ќе се состане со министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Иран (земјите гаранти од мировниот процес во Астана), во пресрет на првиот состанок на новиот Уставен комитет на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Геир Педерсен на прес-конференијата изјави дека утревечер ќе се состане со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, пред првиот состанок на Уставниот комитет кој треба да се одржи в среда.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на 28 септември го најави формирањето на телото за креирање на новиот Устав за Сирија, по повеќе од осум години војна, која ја уништи земјата.
Педерсен изјави дека официјалното започнување на состаноците на 150-члениот Уставен комитет ќе се одржи во Канцеларијата на ОН во Женева, нарекувајќи го „отворање на врати за поширок политички процес“.
„Договорот за формирање на Уставен комитет е првиот политички договор меѓу сириската Влада и опозицијата“, изјави тој.
„Ние сме свесни за фактот дека Уставниот комитет не може сам да ги реши конфликтите во Сирија; нема да ги реши. Тоа може да биде само чекор во процесот.“
Комитетот се состои од 50 члена на сирискиот режим, 50 опозициски членови и 50 члена на цивилното општество.
„Уставниот комитет ќе се обиде да добие консензус за прашањата, но доколку не добие, ќе го стори тоа со 75-процентна поддршка“, додаде тој.
Во 2017 година мировниот процес во Астана за ставање крај на сирискиот конфликт го предводеа Турција, Русија и Иран во главниот град на Казахстан, Нурсултан, поранешна Астана, и оттогаш остварија над десетина средби.