Ahmed Asmar
01 Ноември 2024•Ажурирај: 04 Ноември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Претседателот на либанскиот Парламент, Наби Бери, денес рече дека Израел потрошил неколку можности за постигнување прекин на огнот и спроведување на Резолуцијата 1701 на Обединетите нации (ОН), пренесува Анадолу.
Бери ја даде оваа изјава за време на неговиот состанок со генералот Аролдо Лазаро, командант на привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), соопштено е од канцеларијата на Бери, објави државната Либанска новинска агенција ННА.
Израел потроши повеќе од една вистинка можност за постигнување прекин на огнот, спроведување на резолуцијата 1701, враќање на мирот и враќање на раселените лица од двете страни на границата, рече Бери на состанокот со командантот на УНИФИЛ.
„Тие разговараа и за политичките и случувањата на теренот, како и за прашањето на раселените лица“, се додава во соопштението.
Бери, исто така, ја потврдил посветеноста на Либан за спроведување на резолуцијата 1701, сметајќи ја за „единствена опција“ за постигнување безбедност и стабилност во регионот.
Резолуцијата 1701 на ОН, усвоена едногласно од Советот за безбедност на 11 август 2006 година, повикува на целосен прекин на непријателствата меѓу Хезболах и Израел, и воспоставување зона без вооружен персонал и воена опрема, освен оние на либанската армија и мировните сили на ОН (УНИФИЛ).
Израел во септември започна опсежна воздушна кампања врз Либан против, како што тврди, позиции на Хезболах, што е ескалација на едногодишните прекугранични судири меѓу Израел и групата од почетокот на бруталната офанзива на Израел врз Газа.
Речиси 2.900 луѓе се убиени, а над 13.000 се повредени во израелските напади од октомври минатата година, според либанските здравствени власти.
Израел го прошири конфликтот со започнувањето копнен упад во јужен Либан на 1 октомври.