Ferdi Türkten
04 Септември 2023•Ажурирај: 04 Септември 2023
АНКАРА (АА)
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин денес се состанаа на разговори во рускиот крајбрежен град Сочи, јавува Анадолу.
За време на еднодневната работна посета Ердоган ќе разговара со Путин за актуелните регионални и глобални прашања, како и за билатералните односи.
„Пораката што ќе биде објавена на прес-конференцијата по нашата средба ќе биде многу важен чекор кон целиот свет, особено кон неразвиените африкански држави“, рече Ердоган пред билатералната средба со Путин.
На дневен ред на состанокот ќе биде и обновувањето на минатогодишниот историски Договор за жито преку Црно Море, кој помогна да се намали глобалната криза со храна.
Осврнувајќи се на трговските односи, Ердоган рече дека обемот на трговската размена меѓу Туркије и Русија изнесува 62 милијарди долари.
„Многу ни е драго што преземаме чекори кон целта да достигнеме размена од 100 милијарди долари“, додаде Ердоган.
Тој истакна дека при посетата на Сочи во делегацијата е и гувернерката на Централната банка на Туркије, Хафизе Гаје Еркан.
„Верувам дека средбата на гувернерите на нашите централни банки е важна за преземање чекори за користење на домашната валута во билатералните односи“, рече Ердоган.
Рускиот претседател Путин пред средбата, зборувајќи за економската соработка меѓу двете земји рече: „Темпото на развој на односите меѓу Русија и Туркије, кое беше стекнато со Вашето директно учество [турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган] се одржува“, изјави Путин кога го започна состанокот со својот турски колега во приморскиот град Сочи.
Путин рече дека трговскиот обем меѓу Туркије и Русија се зголемил за 86 отсто минатата година, а трендот продолжил и во првата половина од 2023 година.
Тој додаде дека се надева оти „наскоро“ ќе ги завршат преговорите за формирање центар за гас во Туркије.
„Постигнавме напредок и се надевам дека наскоро ќе ги завршиме преговорите за формирање центар за гас во Туркије за да ја направиме енергетската ситуација во регионот постабилна и балансирана“, рече Путин.
Рускиот лидер изјави дека Туркије станала членка на меѓународен клуб на нуклеарни земји по испораката на нуклеарно гориво во нуклеарната централа Акују.
„Следната година, доколку сѐ се одвива според планот, ќе го пуштиме во употреба првиот агрегат. Интересни се и другите можни опции за продолжување на нашата соработка“, додаде тој.
- Русија го суспендираше Догорот за транспорт на жито по Црното Море
На 17 јули Русија го суспендираше своето учество во Договорот, со посредство на Туркије и ОН, за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море кој беше запрен по војната во Украина, која започна во февруари 2022 година.
Москва се пожали дека Западот не ги исполнил своите обврски во однос на извозот на жито од Русија и дека недоволно украинско жито оди во земјите на кои им е потребно. Се вели дека ограничувањата на плаќањата, логистиката и осигурувањето биле бариера за нејзините пратки.
Потврдувајќи ја важноста од исполнување на барањата на Русија за извоз на жито и ѓубриво, Туркије вели дека нема алтернатива на Иницијативата.
Анкара спроведува интензивни дипломатски напори за обновување на Договорот од јули 2022 година и, исто така, ги повика Киев и Москва да ја прекинат војната преку преговори.
Во јули Ердоган се сретна и со украинскиот колега Владимир Зеленски во Истанбул за да разговараат за овие прашања.