Betül Yürük
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Осмиот круг од мировните преговори за Сирија, кои се одржуваат под покровителство на ОН, ќе биде одржан кон крајот на октомври или почетокот на ноември во Женева, потврди специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, јавува Anadolu Agency (AA).
Мистура ги информираше членовите на Советот за безбедност на ОН за последните случувања во Сирија, потсетувајќи дека резултатот од преговорите во Астана е формирањето на четирите неконфликтни зони.
Меѓутоа, специјалниот пратеник смета дека и покрај тој договор, ситуацијата во подрачјето и понатаму е кревка поради судирите кои траат.
„Осмиот круг од преговорите за Сирија се планира да започне во наредниот месец, кон крајот на октомври или на почетокот од ноември“, изјави Мистура.
Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, во обраќањето пред членовите на Советот изјави дека трајно решение за Сирија може да се постигне само со политичка транзиција.
На почетокот од мај, во Астана беше потпишан договор меѓу Турција, Русија и Иран како гаранти на завојуваните страни во Сирија. Договорот подразбира формирање на зони без оружени судири, на подрачјето на неколку региони во таа земја. На преговорите присуствуваше и претставник на САД.
Во шестгодишната војна во Сирија и хуманитарната криза што таа ја донесе беа изгубени стотици илјади животи, а милиони лица се раселени од своите домови, што предизвика бегалска криза во регионот и во светот.