свет

Судири избија во централен Израел поради регрутирањето на ултраортодоксните Евреи

Демонстрантите го блокираа главниот автопат во сите правци, повикувајќи на откажување на наредбите за регрутирање, кое тие го сметаат за „напад врз нивните традиции и начин на живот“

Rania R.a. Abushamala  | 18.11.2024 - Обновена : 18.11.2024
Судири избија во централен Израел поради регрутирањето на ултраортодоксните Евреи Фото: Mostafa Alkharouf/АА

КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Судири избувнаа синоќа меѓу израелската полиција и ултраортодоксните Евреи откако со наредба за регрутирање во војска беа испратени првите 1.000 машки членови на заедницата Хареди, пренесува Анадолу.

Стотици Хареди ја блокираа Рутата 4 во близина на Бнеи Брак, голем ултраортодоксен град источно од Тел Авив, објави весникот „Једиот ахронот“.

Демонстрантите го блокираа главниот автопат во сите правци, повикувајќи на откажување на наредбите за регрутирање, кое тие го сметаат за „напад врз нивните традиции и начин на живот“, пишува весникот.

Се додава дека наредбите за регрутирање се дел од 7.000 што се очекува да бидат издадени до Харедите во наредните денови, одобрени од министерот за одбрана, Јоав Галант, пред неговото разрешување на почетокот на овој месец.

Претходно истиот ден, лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид повика на одбивање на финансирањето и издавањето пасоши за сите ултраортодоксни Евреи кои одбиваат воена служба.

Харедите се спротивставуваат на воената служба во израелската војска, и покрај одлуката на Врховниот суд во јуни, која наложи нивна регрутација, како и за останатите израелски граѓани.

Партиите во владејачката коалиција бараат усвојување на закон за да се осигури избегнување на воената служба за околу 60.000 религиозни Евреи годишно.

Во последните денови, противниците предводени од Лапид експлицитно го повикаа израелскиот министер за одбрана Израел Кац да издаде наредби за воен рок за Харедите, откако тој официјално ја презеде својата функција.

Евреите Хареди сочинуваат околу 13 отсто од населението на Израел од приближно 9,9 милиони и не служат војска, посветувајќи ги своите животи на проучување на еврејската света книга Тора.

Израелскиот закон бара сите Израелци над 18 години да служат војска, а изземањето на Харедите е спорно прашање со децении.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.