Shafiq Ahmad Qureshi
02 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
КАБУЛ (АА) - Талибанците тврдат дека зазеле стратешки контролни точки од групата на отпорот во Паншир во дводневните судири во северен Авганистан, кои продолжуваат трети ден денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓутоа, групата на отпорот во Паншир тврди дека нејзините борци убиле 40 талибански борци и повредиле 35 во жестоките борби за одбрана на покраината, која се наоѓа на 50 километри северно од главниот град Кабул.
Бидејќи интернетот и телефонските врски во покраината Паншир се прекинати, нема независна потврда за ниту едно од овие тврдења.
Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, за Радио „Азади“ изјави дека нивните борци постигнале напредок и зазеле клучни контролни пунктови во Џаблус Сирај, како и регионот Хавак од групата на отпорот во Паншир.
Според Муџахид, групата на отпорот ги нападнала талибанците, принудувајќи ги нивните борци на судир.
Во видеопорака до медиумите, Фахим Дашти, портпарол на групата на отпорот, тврди: „Убивме 40 Талибанци и ранивме 35 во судирите во последните два дена во Паншир.“
„Талибанците не навлегоа ниту километар во покраината Паншир“, додаде тој.
Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан и се очекува в петок да ја објават својата влада. Паншир е единствената покраина што не е преземена од талибанците.
По неколку обиди за мирен трансфер на власта од Владата на Гани на талибанците, кои најавија дека ќе воведат исламски закони во земјата по целосното повлекување на странските сили од Авганистан на 31 август, избија судири.
Ахмад Масуд, син на командантот Ахмад Шах Масуд и Бисмила Мухамади, министер за одбрана во Кабинетот на Ашраф Гани, кој е соборен откако талибанците упаднаа во Кабул на 15 август, го предводеа отпорот на Паншир.
Амир Кан Мутаќи, талибански лидер, вчера во аудиопорака изјави дека тие се обиделе неколкупати и воделе разговори за мирен трансфер на власта во Паншир, но дека сите нивни напори не успеале.