Mohamed Dhaysane
07 Септември 2023•Ажурирај: 12 Септември 2023
МОГАДИШУ (АА) - Се стравува дека има голем број жртви откако терористите на Ал Шабаб денес извршија напад врз база на Сомалиската национална армија во јужноцентралната провинција на земјата во регионот Среден Шабел, јавува Анадолу.
Нападот се случи во новоослободеното гратче Нур Дугле, во кое се сместени силите на сомалиската Влада и нејзините сојузнички кланови.
Нападот започна со експлозија на автомобил бомба, по што следуваше силна престрелка меѓу напаѓачите и војниците на националната армија.
Министерството за одбрана на Сомалија соопшти дека Националната армија на земјата (СНА) и локалните сили „успешно“ го одбиле нападот.
„Брзо воспоставивме силна одбрана кај Нур Дугле во Среден Шабел, неутрализирајќи ја заканата. Нашите војници им нанесоа тешки загуби на Хавариџ (терористите на Ал-Шабаб), обезбедувајќи областа да остане безбедна“, соопшти Министерството.
Неколку извори на Анадолу телефонски изјавија дека терористичката организација го нападнала градот од три различни правци и дека има цивилни жртви.
Терористичката организација Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападот.
Денешниот напад е втор против Сомалиската национална армија за помалку од 15 дена.
Кон крајот на минатиот месец, групата започна напад врз сомалиската воена база во селото Освејн во Галмудуг.
Сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд посети делови од регионот Среден Шабел.
Земјата на Рогот на Африка со години е зафатена од несигурност, а главните закани доаѓаат од Ал Шабаб и терористичката организација ДЕАШ.
Терористичката организација ги засили нападите откако сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд, кој беше реизбран за втор мандат минатата година, објави „сеопфатна војна“ на Ал Шабаб.