Ömer Koparan,Ethem Emre Özcan
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
АЛ БАБ (АА)
- ОМЕР КОПАРАН
Терористичката организација ЈПГ/ПКК од сириските области Мунбиџ и Тел Рифат извршуваат напади во областите кои се под контрола на опозицијата во северна Сирија и ги спречуваат цивилите да живеат безбеден и мирен живот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Терористите на ЈПГ/ПКК продолжуваат да таргетираат цивили напаѓајќи области кои се исчистени од тероризам.
Областа Ал Баб во северна Сирија е една од областите изложени на ракетни напади на терористичката ЈПГ/ПКК.
Во ракетниот напад што организацијата го изврши синоќа оштетени се голем број куќи, продавници и возила во центарот на Ал Баб, каде што живеат околу 450.000 цивили.

Цивилите во Ал Баб се жалат дека немаат пари да ги покријат штетите предизвикани од терористичките напади.
Цивилите, кои сакаат нападите да завршат, исто така бараат терористичката организација ЈПГ/ПКК да биде отстранета од регионот.
- „Каква вина имаа тие што ги загубија животите?“
Дописникот на Агенција Анадолија (АА) се сретна со жителите на Ал Баб, кои вчера беа изложени на ракетниот напад на ЈПГ/ПКК во регионот на турската операција „Штитот на Еуфрат“.
Шеснаесетгодишниот Џохер Дебек, кој бил сведок на нападите додека излегувал од училиштето, рече: „Кога стигнав до маалото, ракетите почнаа да паѓаат зад мене. Тука загинаа продавачот на девизи, продавачот во бакалницата и мајсторите за поправање мотори.“
Бесен на терористичката ЈПГ/ПКК, Дебек рече: „Нашите соништа завршуваат во рацете на организацијата. Каква вина имаа тие што ги загубија животите? Зошто загинаа? Зошто го напаѓаат овој ослободен регион со проектили? За среќа, никој не беше повреден од моето семејство. Оштетена е само нашата куќа.“

- „Терористичката организација ги нарушува мирот и довербата“
Ахмед Само, чиј сосед загинал во нападот, истакна дека за време на инцидентот дома јадел заедно со својот син.
„Ракетата падна меѓу куќата на нашиот сосед и мојата куќа. Фала му на Бога, нам не ни се случи ништо, но нашиот сосед го загуби животот, а сопругата е повредена. Терористичката организација ги нарушува мирот и довербата. Бараме властите да ја отстранат терористичката организација“, рече Само.

- „Жените и децата многу се исплашија“
Абдулмуним Газал (63), еден од очевидците на нападот, истакна дека нивната куќа била оштетена во нападот.
„Живеам во оваа куќа со моите четири деца. Имаше напади, но за среќа, ништо не ни се случи. Само куќата ни е оштетена. Немаме пари за храна и леб, како ќе си ја поправам куќата? Жените и децата многу се исплашија“, рече Газал.

- „Овие напади на организацијата се насочени само кон цивили“
На нападот на ЈПГ/ПКК остро реагира и еден од цивилите во Ал Баб, 65-годишниот Џемал Сусан.
„Живеам во Ал Баб со моите пет деца. Цивилите не се виновни за ништо. Ни ги уништија домовите. Овие напади на организацијата се насочени само кон цивили“, рече Сусан.
Терористичката организација ЈПГ/ПКК од Мунбиџ и Тел Рифат често ги напаѓаат областите кои се под контрола на опозицијата.