Fatma Esma Arslan
28 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
ДАКАР (АА)
- Фатма ЕСМА АРСЛАН
Најголемиот пазар на магија и вуду во светот, сместен во Ломе, главниот град на Того, ги изненадува, меѓутоа и ги плаши своите посетители, пишува Агенција Анадолија (АА).
На пазарот, познат и како Пазар на Акодесева или Пазар на фетиш, сместен во подрачјето на Акодесева, Ломе, черепи, коски и екстремитети на голем број животни се користат и за традиционална медицина и за вештерство.
На површина од приближно 1.200 квадратни метри, отворен по Втората светска војна, овој пазар се смета за најголемиот пазар на магијата во светот.
Посетителите на влезот на пазарот ги пречекува многу тежок и интензивен мирис. Билетот за влез на пазарот чини 3.000 CFA (4,5 евра), а фотографирањето чини 2.000 CFA (3 евра).
На тезгите, купувачите, покрај препарирани леопарди, мајмуни, лилјаци и змии или нивни черепи, можат да најдат и голем број животински останки на мртви птици, заби од слон, крокодилска кожа и скелет од кобра.

Животните што ги носат ловџиите се купувани од сопствениците на тезгите. На пазарот може да се најдат и екстремитети од панголин, кои во Азија често се користат во традиционалната медицина и се предмет на нелегално тргување.
Овие остатоци се користат и за лекување на болести и за ритуали на верувањето вуду.
На пример, се верува дека главата на мачката го решава проблемот со губење на меморијата, додека главата на кучето во куќата во која е закачена, ја штити од крадци.

- Прашок од оклопот на желка за астма
Вуду исцелителите за одредена цена применуваат третмани за своите „пациенти“, кои доаѓаат на пазарот со разни поплаки. Мртвите птици се препорачуваат за главоболки, а прашокот од оклопот на желка за астма.
Покрај остатоците од животни, внимание на пазарот привлекуваат и вуду куклите. Овие кукли, кои имаат важно место во вуду верувањето, се користат за правење магија.
На пазарот можат да се сретнат луѓе од најразлични сегменти на општеството, од политичари до оние кои сакаат да имаат деца.
Вуду свештениците изведуваат разни ритуали на пазарот. На овие ритуали, одвреме-навреме се жртвуваат животни како лилјаци или гуштери.
Свештениците што доаѓаат од соседен Бенин каде што е родено верувањето вуду, во ритуалите, не само што на своите клиенти им ја предвидуваат судбината, туку и „ги прочистуваат од злите духови“.

- Вуду верувањето потекнува од Западна Африка
Се претпоставува дека вуду верувањето, анимистички систем на верувања што се појавил во западноафриканската земја Бенин, со започнувањето на трговијата со робови се проширил на Хаити и САД на крајот на 17 век.
Зборот „вуду“ (Voodoo) значи „дух“ според јазикот Фон што се зборува во Бенин.
Се проценува дека култот вуду има повеќе од 60 милиони следбеници низ светот, од кои 4 милиони се во Бенин.
Вуду, која е прифатена како една од официјалните религии во Бенин и во соседните земји Того, Гана и Нигерија, исто така е призната и во американската сојузна држава Луизијана, во Куба и во Доминиканската Република.
Десетти јануари во Бенин се одбележува како Ден на вуду.