Nur Asena Ertürk
11 Декември 2024•Ажурирај: 12 Декември 2024
АНКАРА (АА) - По повеќе од илјада дена од руската војна во Украина новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека војната во Украина мора да се реши, пренесува Анадолу.
Трамп беше во посета на Париз за да присуствува на церемонијата на повторното отворање на катедралата Нотр Дам во саботата, каде што даде ексклузивно интервју за францускиот неделник „Пари Мач“.
Новоизбраниот американски претседател рече дека имал „добра средба“ со украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Тој истакна дека има многу кризи во светот и дека се појави нова во Сирија.
„Сирија ќе мора да се грижи за себе. Ние не сме вклучени во Сирија“, рече Трамп. „Мислам дека треба да го решиме украинскиот проблем со Русија. И двете земји губат бројки што никој не може да ги замисли. Стотици илјади војници се убиени“, додаде тој.
Блискиот Исток, исто така, е „голем приоритет“, рече Трамп.
„Но сметам дека на Блискиот Исток помалку е тешка ситуацијата од таа на Украина со Русија“, нагласи тој.
Пред церемонијата по повод повторното отворање на катедралата Нотр Дам по петгодишна реставрација, во саботата во Елисејската палата во Париз се одржа првата трипартитна средба помеѓу францускиот претседател Емануел Макрон, Зеленски и Трамп.
Средбата е прв состанок лице в лице меѓу Зеленски и Трамп по изборната победа на Трамп, што се реализира по телефонскиот повик на 6 ноември.