Diyar Güldoğan
22 Април 2026•Ажурирај: 22 Април 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа изјави дека Иран сака да го држи Ормускиот Теснец затворен „за да го зачува образот”, јавува Анадолу.
„Иран не сака Ормускиот Теснец да биде затворен, тие сакаат да биде отворен за да може да заработуваат по 500 милиони долари на ден (што е износот што го губат доколку е затворен). Иран вели дека сака да е затворен само затоа што јас го ставив под целосна блокада (го затворив), тие единствено само сакаат да си го зачуваат образот”, напиша Трамп на својата платформа за социјални медиуми Truth Social.
„Mи пристапија луѓе пред четири дена, велејќи: ‘Господине, Иран сака веднаш да го отвори теснецот.’ Но ако го направиме тоа, никогаш не ќе може да има договор со Иран, освен ако не го кренеме во воздух остатокот од нивната земја, вклучително и нивните лидери!”
Претходно вчера Трамп објави дека САД ќе го продолжат прекинот на огнот со Иран за да му дадат време на Техеран да подготви „унифициран предлог“, по барањето на пакистанските власти.
Пакистан беше домаќин на преговорите меѓу САД и Иран на 11 и 12 април откако посредуваше за постигнување двонеделен прекин на огнот на 8 април, кој треба да заврши вечерва.
Во тек се напори за нова рунда преговори, иако и понатаму владее неизвесност.
Во друга објава Трамп тврди дека Иран „финансиски колабира”.
„Иран финансиски колабира! Сакаат Ормускиот Теснец да се отвори веднаш, 'изгладнети се' за пари”, напиша тој.
Трамп тврди дека Иран губи приближно 500 милиони долари дневно поради новонастанатата ситуација.
„Војската и полицијата се жалат дека не добиваат плата. СОС!!!”, додаде тој.