Kasım İleri
16 Јуни 2016•Ажурирај: 17 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (AA) - Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, вчера побара изградбата на безбедносни зони во Сирија да биде финансирана од страна на земјите од Заливот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сведоци сме на овие големи миграции, нешто многу ужасно за гледање, и покрај сè и јас имам срце како и сите останати. Мора да изградиме безбедносни зони таму. Мора да се грижиме за тие луѓе”, рече Трамп на собирот во Атланта.
„Тука доаѓа креирањето на договорот или наречете го како сакате. Ние треба да ги натераме земјите од Заливот да го финансираат тоа”, истакна тој. Неговите забелешки се слични со она што го изјави за градењето на ѕид долж јужната граница на САД, за што рече дека ќе го натера Мексико да плати за трошоците.
„Тие имаат огромни суми на пари. Тие не прават многу. И тоа е нивна територија. Ние треба да ги натераме да го финансираат тоа”, рече тој во врска со неговиот план за безбеднoсните зони.
Тој ја спомена својата можна противкандидатка на престојните претседателски избори, Хилари Клинтон, велејќи дека таа, многу слично како и претседателот Барак Обама, сака да ги доведе бегалците во САД и да потроши милијарди долари за нив.
По смртоносниот терористички напад во Сан Бернардино, Калифорнија во декември минатата година, Трамп повика на забрана за влез на сите муслимани во САД додека владата не утврди "што се случува."
Тој исто така рече дека ќе ги депортира сите мигранти без документи.