Serdar Bıtmez,Mahmut Geldi
28 Јули 2022•Ажурирај: 29 Јули 2022
ДОХА (АА) - Агенцијата за вонредни состојби на Република Туркије (АФАД) потпиша договор со Црвената полумесечина на Катар за изградба на село од 1.000 куќи за раселените семејства во северна Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делегацијата на АФАД, која имаше официјални контакти во Катар, разговараше за можностите за соработка со претставниците на Црвената полумесечина на Катар, Добротворната регулаторна управа и Добротворното здружение на Катар.
АФАД и Црвената полумесечина на Катар потпишаа Протокол за соработка за проектот за изградба на село за раселените Сиријци во регионот Ал Баб во северна Сирија.

Протоколот на проектот за населување вреден околу 3,5 милиони долари го потпишаа Јунус Сезер, претседателот на АФАД и Али бин Хасан ал Хамади, генералниот секретар на Црвената полумесечина на Катар.
Селото ќе се гради во регионот на „Штитот на Еуфрат“, под координација на АФАД и Црвената полумесечина на Катар. Ќе се состои од куќи, од кои секоја ќе биде со површина од 50 квадратни метри.
Во населеното село, освен куќи ќе има и основно училиште, здравствен дом, месџид и продавници.
Во изјава за Агенција Анадолија (AA), претседателот на АФАД, Сезер, рече дека со овој проект тие имаат за цел да ги подобрат условите за живот на Сиријците кои живеат во шатори.
Јунус Сезер, претседателот на АФАД, наведувајќи дека меѓу Туркије и Катар постои голема соработка на полето на хуманитарните проекти во Сирија, истакна дека и Катар има сериозна улога во помагањето на сириските бегалци.