свет

Турско-американска активистка застрелана од израелската Армија во окупираниот Западен Брег

„Ејги, родена во турскиот град Анталија во 1998 година, им подлегна на повредите и покрај обидите на медицинските тимови за реанимација“

Ikrame Imane Kouachi  | 06.09.2024 - Обновена : 07.09.2024
Турско-американска активистка застрелана од израелската Армија во окупираниот Западен Брег

РАМАЛА (АА) - Турско-американска активистка е застрелана од израелските сили за време на денешниот протест против нелегалните еврејски населби во градот Беита во подрачјето на Наблус на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.

Фуад Нафаа, директорот на болницата „Рафидија“, за Анадолу изјави дека Ајшенур Езги Ејги, која имала двојно државјанство, на Туркије и на САД, била донесена во болницата со прострелна рана во главата.

„Ејги, родена во турскиот град Анталија во 1998 година, им подлегна на повредите и покрај обидите на медицинските тимови за реанимација“, изјави Нафаа.

Очевидци рекоа дека израелските војници отвориле директен оган врз група Палестинци кои учествувале на демонстрациите со кои се осудуваат илегалните населби на планината Сбеих во Беита, јужно од Наблус.

Државната палестинска новинска агенција Вафа потврди дека жртвата е американска државјанка и волонтерка во кампањата „Фазаа“, иницијатива чија цел е поддршка и заштита на палестинските земјоделци од тековните прекршувања од страна на илегалните еврејски доселеници и Армијата.

Жителите на Беита одржуваат неделни протести по петочната молитва за спротивставување на илегалната еврејска населба Авитар, основана на врвот на планината Сбеих. Заедницата бара отстранување на илегалната населба, со којашто сметаат дека се кршат нивните права на земјиштето.

Тензиите ескалираа низ окупираниот Западен Брег откако Израел го започна својот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа речиси 40.900 Палестинци, главно жени и деца.

Најмалку 691 лице загинаа, а над 5.700 се повредени во израелски оган на Западниот Брег оттогаш, според податоците на Министерството за здравство.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.