Fatma Zehra Solmaz
06 Август 2026•Ажурирано: 06 Август 2026
Турција и седум земји денес „најостро“ ги осудија израелските напади врз здравствените установи, медицинската инфраструктура и цивилните објекти во Појасот Газа, оценувајќи дека тие го прекршуваат меѓународното право и ги загрозуваат напорите за спроведување на мировниот план за Газа, јавува Анадолу.
Во заедничко соопштение министрите за надворешни работи на Турција, Египет, Индонезија, Јордан, Пакистан, Катар, Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати ги осудија, како што наведоа, континуираните израелски прекршувања во Газа, вклучително и нападите во кои има цивилни жртви, особено меѓу жените и децата.
Министрите истакнаа дека нападите претставуваат „јасно прекршување“ на меѓународното право и на Сеопфатниот план за ставање крај на конфликтот во Газа, предупредувајќи дека тие ги загрозуваат напорите за спроведување на втората фаза од планот, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека палестинските фракции ја прифатиле неговата Мапа на патот.
Тие нагласија дека заштитата на цивилите и медицинските установи, како и обезбедувањето безбедна и непречена испорака на хуманитарна помош низ Газа, претставуваат законска обврска според меѓународното право.
Во соопштението, ситуацијата во Газа се поврзува и со нападите на доселениците на окупираниот Западен Брег, проширувањето на нелегалните израелски населби и едностраните мерки насочени кон промена на статус кво состојбата во окупираниот Источен Ерусалим.
„Земени заедно, овие практики претставуваат систематска политика насочена кон наметнување свршен чин со сила, загрозување на темелите на решението за две држави и маргинализирање на легитимните права на палестинскиот народ, во очигледно прекршување на меѓународното право и релевантните резолуции на Обединетите нации“, се наведува во соопштението.
Министрите ја повикаа меѓународната заедница, особено Советот за безбедност на Обединетите нации, да ги преземе своите законски и морални обврски преку усвојување ефикасни мерки за да се обезбеди Израел да ги почитува своите обврски според меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право и Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН, како и да се повикаат на одговорност лицата одговорни за сериозни прекршувања.
Според министрите, таквите мерки ќе придонесат за заштита на цивилите и за постигнување траен прекин на огнот.
Исто така, тие се спротивставија на сите обиди за анексија на окупираните палестински територии или присилно раселување на Палестинците, повторувајќи дека траен мир е можен само преку решение за две држави врз основа на границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град на идната палестинска држава.