Elena Teslova
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Магацинот на компанијата „Вајлдберис“ во руската Рјазањска Област е евакуиран денес по нападот со украинско беспилотно летало, при што шест лица се хоспитализирани, соопштија регионалните власти и компанијата, јавува Анадолу.
„Логистичкиот центар на компанијата во Рјазан е евакуиран во согласност со безбедносните барања“, се наведува во заедничкото соопштение на „Вајлдберис“ и „Рус“ (Wildberries & Russ - RVB), споена компанија што управува со најголемиот руски онлајн трговец.
Гувернерот на областа Рјазан, Павел Малков, во посебна изјава соопшти дека шест лица се хоспитализирани по нападот, но ниедно нема повреди опасни по живот.
„Во моментов шест лица се хоспитализирани. Нема закана за нивните животи, а лекарите ја даваат неопходната медицинска помош“, изјави Малков на платформата за пораки „Макс“.
Подоцна тој додаде дека предупредувањето за воздушна опасност е укинато, а операциите на противвоздушната одбрана се завршени.
Украина досега не коментираше за нападот.
Овој напад е последниот од низата удари со беспилотни летала врз логистичките центри на „Вајлдберис“ во Русија изминатите недели. Претходно овој месец беа погодени магацини во регионите Тамбов, Москва, Краснодар и Ставропол, во кои има жртви и се предизвикаа прекини во работата.