свет

Фидан: „Туркије има за цел да постигне напредок во односите со ЕУ“

- Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан истакна дека прикажувањето позитивен пристап на ЕУ кон Туркије, без тоа да се поврзува со кипарското прашање, е од заеднички интерес

Selen Valente Rasquinho  | 30.08.2024 - Обновена : 30.08.2024
Фидан: „Туркије има за цел да постигне напредок во односите со ЕУ“ Фото: Арда Кучукаја - АА

БРИСЕЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека Туркије има за цел постигнување напредок во односите со Европската Унија (ЕУ) преку позитивна агенда и истакна дека прикажувањето позитивен пристап на ЕУ кон Туркије, без тоа да се поврзува со кипарското прашање, ќе му служи на заедничкиот интерес, известува Анадолу.

Фидан со дописникот на АА го коментираше своето учество на неофицијалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

„Средбата во Брисел е важна за заживување на нашите односи со ЕУ“, рече Фидан и потсети дека веќе некое време Туркије не е поканета на овие средби.

Опишувајќи ја поканата за Туркије за средбата како „позитивен напредок“, министерот Фидан рече дека на состанокот, кој траел приближно два часа, детално се разговарало за тоа како може да се унапредат односите на Туркије и ЕУ и каква соработка може да се развие помеѓу Туркије и ЕУ во однос на глобалните и регионалните прашања.

„Денес речиси сите мои колеги од ЕУ истакнаа дека треба да продолжат структурираниот и редовниот дијалог и консултациите со Туркије на сите полиња, особено во надворешната, безбедносната и одбранбената политика. Тие рекоа дека Туркије игра важна улога во прашањата за Русија и Украина, војната во Газа, Сирија, Ирак, Блискиот Исток, Африка и Јужен Кавказ. Ја истакнаа и важноста од поблиски и подлабоки консултации помеѓу Туркије и ЕУ и креирање заедничка политика“, рече министерот Фидан.

Нагласувајќи дека треба да се преземат конкретни чекори околу техничките прашања за да се забрзаат односите во наредниот период, Фидан додаде:

„Пред сè, воспоставените механизми за дијалог што беа суспендирани во 2019 година треба повторно да се воведат. Продолжуваат нашите очекувања за ажурирање на Царинската унија.“


- Активности за визна либерализација

Министерот Фидан истакна дека едно од приоритетните прашања е визната либерализација, истакнувајќи дека се исполнети 66 релевантни критериуми и дека заедно со соодветни институции работат на комплетирање на преостанатите шест критериуми.

„Продолжуваме да работиме на елиминирање на тешкотиите и пречките што ги доживуваат нашите граѓани во процесот на аплицирање за шенген виза додека не се постигне визна либерализација. Ги продолжуваме нашите контакти со ЕУ и земјите членки за популаризација на повеќекратните влезни и долгорочни визи“, посочи министерот Фидан.


- Кипарско прашање

„Веруваме дека ревитализацијата на односите помеѓу Туркије и ЕУ е во интерес на сите. Сепак, нагласивме дека воспоставувањето врска меѓу кипарското прашање и односите на Туркије и ЕУ не е здрав метод и нема да даде никакви резултати“, истакна министерот Фидан и додаде дека членството во ЕУ е стратегиска цел за Туркије.

Потсетувајќи дека претседателот Реџеп Таип Ердоган во повеќе пригоди јасно го изразил тоа, министерот Фидан додаде:

„Сакаме да постигнеме напредок преку позитивна агенда. Доколку ЕУ покаже сличен позитивен пристап, тоа ќе биде во интерес на сите.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.