İlayda Çakırtekin
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денес предупреди дека конфликтот со Иран не смее да ја засени „катастрофата што се случува во Палестина“, јавува Анадолу.
„Оваа состојба не смее да нè натера да ја занемариме катастрофата што се случува во Палестина, како во Појасот Газа, така и на Западниот Брег.“
Тој потсети дека Франција веќе воведе санкции за израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, како и координирани мерки со неколку држави за 26 лица и правни субјекти кои се товарат за забрзана изградба на доселенички (израелски) населби на Западниот Брег.
„Сакаме овие санкции да бидат усвоени на европско ниво за да се прати јасен сигнал: Европа не може да ги прифати ескалацијата на насилството и натамошното неконтролирано ширење на населбите на (израелските) доселеници на Западниот Брег бидејќи тоа ја загрозува секоја шанса за мир на Блискиот Исток“, истакна Баро.
Тој повторно нагласи дека Франција, заедно со неколку земји, официјално ќе упати барање до Европската комисија да го спречи увозот во ЕУ на производи што потекнуваат од нелегалните населби на Западниот Брег.
„Не може да прифатиме дека Европа, директно или индиректно, преку својата трговска размена ги поддржува овие нелегални активности што ја загрозуваат шансата за мир меѓу Израел и Палестина“, додаде Баро.
Новопостигнатиот договор меѓу САД и Иран, по неколкумесечниот конфликт треба да донесе крај на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан, „што треба да овозможи повторно отворање на Ормускиот Теснец и започнување сеопфатни преговори насочени кон враќање на стабилноста и безбедноста во регионот“, изјави Баро.
Исто така, тој наведе дека меѓународната мисија насочена кон обновување на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец „е веќе подготвена“.