Ikrame Imane Kouachi
25 Јануари 2025•Ажурирај: 25 Јануари 2025
АНКАРА (АА) - Меѓународниот комитет на Црвениот крст денес доби повик од Хамас да се упати кон одредена точка во Газа каде што е предвидено да бидат ослободени четири израелски заложнички, објави израелскиот Канал 12, јавува Анадолу.
Дописникот на Анадолу јави дека во раните утрински часови конвој од Меѓународниот комитет на Црвениот крст тргнал кон преминот „Керем Шалом“ во јужниот дел на Појасот Газа.
Конвојот се состоел од неколку возила на Црвениот крст, меѓу кои и автобус со капацитет од 20 до 25 луѓе.
Сѐ уште нема официјално соопштение од Црвениот крст.
Очевидци за Анадолу изјавија дека десетици припадници на бригадите Ал-Касам и бригадите Ал-Кудс биле распоредени на плоштадот Палестина во градот Газа, заедно со илјадници Палестинци, за подготовка за предавање на израелските заложници.
Од друга страна, семејствата на заложниците биле информирани дека ослободувањето се очекува околу 10:00 часот по Гринич, според израелскиот Канал 13.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, кој стапи на сила во неделата, го прекина разорниот напад на Израел врз Газа, кој од 7 октомври 2023 година уби над 47.000 Палестинци, од кои мнозинството жени и деца.
Договорот кој се состои од три фази вклучува размена на затвореници и одржлив мир, со цел траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.
Израелските напади ја оставија Газа во урнатини, а нејзините жители раселени, гладни и склони на болести.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.