Berk Kutay Gökmen
30 Април 2026•Ажурирај: 30 Април 2026
Командантот на ЦЕНТКОМ, адмирал Бред Купер, денеска на американскиот претседател Доналд Трамп ќе му ги претстави новите планови за можна воена акција во Иран, објави американскиот новински веб-сајт „Аксиос“, повикувајќи се на свои извори, пренесува Анадолу.
Според наводите на Аксиос, овој брифинг сигнализира дека Трамп сериозно размислува за враќање на борбените операции од големи размери, со цел или да го прекине застојот во преговорите или да го нанесе последниот удар пред крајот на војната.
ЦЕНТКОМ подготви план за „кратка и интензивна“ серија напади врз Иран, веројатно насочени кон инфраструктурата, според наводите на новинскиот веб-сајт, во обид да се надмине ќор-сокакот во преговорите.
Очекувањата се дека таквата акција ќе го принуди Иран да се врати на преговарачката маса со поголема флексибилност во врска со прашањето за нуклеарното оружје.
Друг предлог што се очекува да му биде претставен на Трамп се фокусира на преземање контрола врз дел од Ормускиот Теснец со цел повторно да се отвори за комерцијален бродски сообраќај, но таквата операција би можела да вклучи и копнени сили, се наведува во извештајот.
Трамп за „Аксиос“ вчера изјави дека на поморската блокада на Иран гледа како на „донекаде поефикасна од бомбардирањето“.
Наводите сугерираат дека Трамп ја гледа блокадата како негов главен механизам за притисок, иако останува отворен за воена акција доколку Иран не попушти.
Американските воени планери, исто така, се подготвуваат за можноста Иран да возврати врз американските сили во регионот како одговор на евентуалната блокада.
Според наводите, на денешниот брифинг се очекува да присуствува и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн.