Ahmet Gürhan Kartal
10 Септември 2022•Ажурирај: 12 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Чарлс III и формално е прогласен за нов крал на Британија пред надлежниот Пристапен совет во лондонската палата Сент Џејмс, а во таа пригода новоименуваниот крал порача дека е свесен за наследството и сериозните должности и одговорности што сега се пренесени на него, известува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата на прогласување за првпат во историјата е пренесувана на телевизија, а милиони Британци се вклучија да го следат прогласувањето на новиот монарх. На настанот присуствуваше и кралскиот син и принц Вилијам.
Советот за пристап е група формирана од високи државни службеници, лордот градоначалник на Лондон и високи комесари на Кралството, а заседавањето на тоа тело се свикува по смртта на монарх.
Кралицата Елизабета II, мајка на Чарлс и британски монарх со најдолг стаж, почина во четвртокот на 97 години по 70 години на тронот.
Новиот британски крал Чарлс III изјави дека неговата сакана мајка, кралицата Елизабета II, била пример за доживотна љубов и несебично служење.
„Целиот свет сочувствува со нас поради ненадоместливата загуба што ја претрпевме. Владеењето на мојата мајка е ненадминливо по своето траење, посветеност и преданост. Дури и додека тагуваме, се заблагодаруваме за овој најверен живот. Длабоко сум свесен за длабокото наследство и сериозните должности и одговорности што сега се пренесени на мене“, рече Чарлс.
Во текот на церемонијата Чарлс одобри денот на погребот на кралицата Елизабета II да биде прогласен за државен празник, што треба дополнително да се потврди.
Главниот проглас со кој Чарлс III јавно е прогласен за нов британски монарх потоа е прочитан од балконот на палатата, со почесна стрелба во Хајд парк и Товер Хил и интонирање на националната химна „God Save the King“.