Emre Aytekin
23 Април 2019•Ажурирај: 24 Април 2019
АНКАРА (АА) – Челниците на муслиманската заедница во Шри Ланка, по терористичките напади за време на Велигденските празници, го посетија кардиналот Малколм Ранјит, архиепископот на Католичката црква во Коломбо, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата на муслиманските верски лидери, политичари и интелектуалци во посета на кадиналот Малком Ранјит, архиепископот на Католичката црква во Коломбо, ја предводел шриланскиот муфтија и претседателот на Здружението на исламските научници (ACJU), Мухамед Ибрахим Ризве.
Како што се наведува во соопштението на ACJU, делегацијата го изрази своето сочувство до христијанската заедница за лицата кои ги загубија животите при терористичките напади врз црквите „Свети Антониј“, „Свети Себастијан“ и „Девица Марија“.
За време на посетата, кардиналот Ранјит укажал на важноста на одржување на мирот и слогата меѓу верските заедници во тешки времиња. Тој, исто така, истакнал дека Шри Ланка со децении страдала од терор и дека на народот не треба повторно да им се наметнуваат ваквите услови.
Кардиналот Ранјит нагласил дека злото извршено од страна на некои поединци не треба да се припишува на целата заедница.
Двете страни, исто така, ја изразиле желбата за понатамошен развој на односите меѓу заедниците, апсење на одговорните лица за нападот и казна за сите што ја заслужуваат.
При посетата муфтијата Ризве нагласил дека Шри Ланка е земја која ги прифаќа сите, Синхалците и Тамилците, христијаните и муслиманите, без да прави етнички и верски разлики.
Тој, исто така, истакнал дека против терористичката трагедија, граѓаните на Шри Ланка, тешкотиите треба да ги надминат со солидарност, меѓусебна љубов и меѓусебно разбирање.
„Се молиме на семоќниот Алах да им ги прости гревовите и да ги олесни страдањата на оние кои се погодени од нападите. На овој тежок ден како земја треба да сме во заедништво и да се справуваме со предизвиците“, рече муфтијата Ризве.
На денот кога христијаните го чествуваа католичкиот Велигден, цел на терористичките напади беа црквите „Свети Антониј“ во Кочикаде, „Свети Себастијан“ во Катана и црквата „Девица Марија“ во Батикалоа, како и хотелите со пет ѕвезди „Кингсбери“, „Синамон гранд“ и „Шангри Ла“ во градот Коломбо.
По овие напади, во предградијата на главниот град Коломбо, во хотел со три ѕвезди во близина на Зоолошката градина во Дехивала и на надвозникот Дематого, исто така имаше експлозии.
Властите во Шри Ланка објавија дека при терористичките напади животот го загубија 310 лица, меѓу кои и 39 странски државјани, а повеќе од 500 луѓе беа повредени.