Atila Altuntaş
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
СТОКХОЛМ (АА) - Шведска употреби интересна метода за гасење на шумскиот пожар кој трае веќе 2 недели во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на весникот „Афтонбладет“ (Aftonblаdet), воените авиони на воздушните сили на земјата од типот „JAS-39 Gripen“ интервенираа против пожарот со бомба од типот „GBU-49“ на местата каде што противпожарникарските возила не можат да интервенираат.
Андерс Персон, еден од портпаролите на Министерството за одбрана, во изјавата за овој весник истакна дека овие бомби фрлени од височина од 3.000 метри, предизвикуваат ефект на притисок, и со тоа се елиминира кислородот, и на тој начин се гаси пожарот во одредено место.
„Првата проба беше успешна, со што и во другите шумски пожари може да се употреби оваа нова метода“, нагласи Персон.
Од друга страна, шведската Дирекција за цивилна одбрана соопшти дека како резултат на пожарите, за една недела изгорел шумски појас со површина од 25.000 хектари.
Се претпоставува дека пожарот предизвикал штета од околу 900 милиони шведски круни.
Според веста на државната телевизија SVT, побарана е помош од европските земји за гасење на пожарот што избувна во 83 места, кој моментално продолжува во 20 места.
Специјални тимови од Франција, Германија, Данска, Полска, Италија, Литванија, Португалија и Норвешка одговорија на ова барање, при што интервенираа против пожарите во Шведска која е изложена на големи шумски пожари.
Во земјата до 30 август е забрането да се запали оган за време на излет. Оние што нема да ја почитуваат оваа забрана ќе добијат затворска казна од 2 години.