Riyaz Khaliq Khaliq, Şahin Demir
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Шефовите на дипломатиите на Пакистан и Иран денес разговараа за тековниот прекин на огнот, како и за потребата од „континуиран дијалог и преговори“ со Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Анадолу.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар оствари телефонски разговор со својот ирански колега Абас Арагчи, при што двете страни разменија мислења за регионалните случувања, прекинот на огнот и тековните дипломатски напори што ги спроведува Исламабад како дел од дијалогот меѓу САД и Иран, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.
Според иранското Министерство за надворешни работи, Арагчи одржал одделни телефонски разговори со Дар, како и со началникот на пакистанската Армија, фелдмаршал Асим Мунир, за да „дискутираат за регионалните случувања и прашањата поврзани со прекинот на огнот“.
Иранското Министерство не сподели подетални информации за разговорите.
Дар ја „нагласи важноста од континуиран дијалог и ангажман за решавање на отворените прашања“ со САД, „со цел што поскоро да се унапредат регионалниот мир и стабилноста“, се наведува во соопштението на пакистанското Министерство.
Арагчи ја „искажа својата благодарност за конзистентната и конструктивна улога на посредување на Пакистан во овој поглед“, се додава во соопштението.
Разговорот меѓу Дар и Арагчи е трет од неделата наваму, додека продолжуваат напорите на Исламабад за враќање на САД и Иран на втората рунда преговори за ставање крај на војната.
Техеран досега се спротивставуваше на повиците да испрати свои претставници во Исламабад, сѐ додека САД не ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа.
Пакистан беше домаќин на преговори на највисоко ниво меѓу Вашингтон и Техеран за време на првата рунда преговори во Исламабад, одржани на 11 и 12 април. Преговорите беа иницирани откако Пакистан обезбеди двонеделен прекин на огнот на 8 април.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот еднострано го продолжи прекинот на огнот, без да одреди нова временска рамка, само неколку часа пред неговото истекување.
Од почетокот на војната, Техеран ја одржува контролата врз Ормускиот Теснец, што беше проследено со поморска блокада од страна на САД на 13 април – потег што ги погоди глобалните енергетски резерви, главно во Азија.