Ahmet Gençtürk
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
АТИНА (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази поддршка за вклучување на Турција во финансискиот инструмент на ЕУ „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), објавија грчките медиуми, јавува Анадолу.
Според весникот „Катимерини“, повикувајќи се на европски извори, овие изјави Руте ги дал на состанокот со амбасадорите на ЕУ минатиот четврток, веднаш по потврдата на Европската комисија дека Турција аплицирала за приклучување кон САФЕ.
Руте нагласил дека ангажманот меѓу ЕУ и Турција е од суштинско значење за посилна соработка во рамките на НАТО и оценил дека вклученоста на Анкара во САФЕ може да ги ублажи нејзините долготрајни приговори за споделување чувствителни информации меѓу НАТО и ЕУ, пренесува весникот.
Руте, исто така, ги повика државите да ги признаат воените капацитети на Турција и да покажат гест на добра волја.
САФЕ, која беше усвоена од лидерите на ЕУ во мај, обезбедува долгорочни заеми по конкурентни цени со цел забрзување на итните набавки на одбранбена опрема. Финансискиот инструмент е дел од програмата „Повторно вооружување на Европа/Подготвеност 2030“ на Европската комисија, кој има цел да мобилизира над 800 милијарди евра за одбранбени трошоци.
Иако заемите ќе бидат достапни само за земјите членки на ЕУ, сепак Украина и земјите од ЕЕА-ЕФТА ќе можат да учествуваат во заеднички набавки во рамките на САФЕ.
Грција останува најжесток противник на вклучувањето на Турција во САФЕ.