Ekipa
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Докторите што го лечат Шимон Перес (93) велат дека поранешниот израелски претседател ја преживеал ноќта, но дека сè уште е во тешка состојба по претрпениот мозочен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Доктор Јицак Креис, директор на медицинскиот центар Шеба во близина на Тел Авив, рече дека Перес се наоѓа во медицински предизвикана кома. Тој додаде дека крварењето во мозокот е запрено, како и тоа дека состојбата на Перес е сериозна, но стабилна.
Откако вчера Перес не се чувствувал добро, бил однесен во болница каде што брзо е дијагностицирано дека претрпел мозочен удар.
Перес е стар државник на израелската политика, многу почитуван и еден од симболите на Израел, воедно и последниот преживеан што е поврзан со основачите на израелската држава.
Во текот на повеќе од седум децении политичка кариера, Перес ги извршувал речиси сите значајни функции во својата земја. Покрај тоа што беше претседател, во три наврати беше премиер, потоа министер за надворешни работи, за одбрана и за финансии. Перес во 1994 година, заедно со Јасер Арафат и Јицак Рабин ја доби Нобеловата награда за мир.