Kanyshai Butun
02 Октомври 2026•Ажурирано: 02 Октомври 2026
Јапонија ја истакна „важноста“ од одржувањето на комуникацијата со Москва откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва е заинтересирана за соработка со Токио, објави агенцијата Кјодо њуз, пренесува Анадолу.
Главниот секретар на Кабинетот, Минору Кихара, рече дека јапонската Влада ги зела предвид неодамнешните позитивни изјави на Путин за билатералните односи што се влошија во услови на војната меѓу Русија и Украина.
Изјавата е дадена по коментарите на Путин на Клубот за дискусии „Валдај“ дека Москва е заинтересирана за соработка со Јапонија, но загрижена е поради плановите на Токио за милитаризација.
„Загрижени сме поради политиките што вклучуваат создавање военополитички блокови во регионот. Должен сум да зборувам за тоа“, рече тој вчера.
Исто така, Путин рече дека Москва сака добрососедски односи со Јапонија и ги посочи заедничките интереси во економијата, заштитата на животната средина и научните истражувања.
„Односите меѓу Русија и Јапонија ги замислувам како добрососедски односи, исполнети со конкретната содржина што тукушто ја споменавте: економијата, животната средина, заедничките научни истражувања и така натаму“, рече тој.
Сепак, Путин рече дека пристапот на Русија кон односите со Јапонија не се сменил, додека пристапот на Токио се сменил.
„Не бевме ние тие што воведоа санкции за Јапонија, туку Јапонија воведе санкции за Руската Федерација. Покрај тоа, слушаме мошне остри изјави од одредени високи јапонски функционери. Ние, од наша страна, не си дозволивме ништо од тоа; не правевме такви работи“, рече тој.
Јапонија, заедно со другите членки на Групата седум (Г7), воведе економски санкции за Русија откако војната во Украина започна во февруари 2022 година, вклучително и замрзнување на имотот на Путин и други лица.
Јапонија и Русија, исто така, остануваат во спор околу јужните Курилски Острови, кои се под руска контрола, но Јапонија ги смета за свои северни територии.
Вчера украинскиот претседател Владимир Зеленски се сретна со делегација од Претставничкиот дом на јапонскиот Парламент.
Тој ѝ се заблагодари на Јапонија за поддршката на украинскиот народ во услови на „бруталната ескалација“ на руските напади со беспилотни летала и ракети, додавајќи дека посилната воздушна одбрана е клучна за заштитата на животите.