Amir Latif Arain
27 Април 2026•Ажурирај: 27 Април 2026
Јапонската премиерка Санае Такаичи денес изјави дека економската и социјалната активност „не смее да запрат” и покрај нарушување на синџирот на набавка на енергети предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток, пренесуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Нејзините изјави следуваат неколку дена откако Владата ја повика јавноста да ја ограничи потрошувачката на енергија во услови на несигурност во снабдувањето како последица на војната на Блискиот Исток, извести „Кјодо њуз“ со седиште во Токио.
„Не верувам дека економската или социјалната активност треба да запрат во овој момент“, изјави Такаичи, одговарајќи на прашање од опозициски пратеник во Парламентот за потребата од спроведување итни економски мерки.
Затворањето на Ормускиот Теснец поради американско-израелската војна против Иран, која започна на 28 февруари, ги принуди азиските земји со мали ресурси, вклучително и Јапонија, да повикаат на намалена потрошувачка на гориво.
Јапонија е речиси целосно зависна од увозот на сурова нафта од Блискиот Исток.
Такаичи изјави дека нејзината Влада работи на обезбедување резерви на нафта од други извори.
Јапонија веќе двапати ги ослободи своите стратегиски резерви на нафта, а третото ослободување е закажано за 1 мај.
Такаичи изјави дека засега не гледа потреба од составување дополнителен буџет бидејќи Владата е во можност да ги искористи буџетските резервни средства, доколку е потребно, поради ситуацијата на Блискиот Исток.
Претходно овој месец Парламентот усвои рекорден буџет за фискалната 2026 година во износ од 122,31 билиони јени (768 милијарди долари).