Levent Tok
12 Март 2018•Ажурирај: 13 Март 2018
АФРИН/АНКАРА (АА) - ЛЕВЕНТ ТОК - Снимките на беспилотните летала покажаа дека терористите на ЈПГ/ПКК со блокада на патиштата и отворање на оган врз цивилите го спречуваат нивниот излез од Африн, кој се наоѓа на северозападниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што јавува репортер на АА од Сирија, цивилите во се поголема мера се обидуваат да го напуштат Африн, кој претходно го напуштија и водачите на терористите на ЈПГ/ПКК во тој регион.
Како што се стега обрачот на Вооружентие сили на Турција (ТСК) и Слободната војска на Сирија (ФСА) во операцијата „Маслинова гранка“, цивилите се повеќе бегаат од ЈПГ/ПКК која ги користи како жив штит.
Меѓутоа, терористичката организација ги спречува цивилите со блокада на патиштата и отворање на оган врз нив.
Во продолжение на операцијата „Маслинова гранка“, Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната војска на Сирија (ФСА) денес од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ во Африн ослободија уште осум села.
Репортер на АА од терен јавува дека турските сили и борците на сириската опозиција во денешните акции неутрализирале терористички елементи и ги ослободиле селата Јалама, Хабол, Барлана, Ал Карах, Зиндакан, Кила, Кумуш Бурџ и Кибар.
Според картографските пресметки на АА, турските сили од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ од терористите ослободиле 1.100 километри квадратни територија во сирискиот пограничен регион Африн.
Турските сили и силите на сириската опозиција од југоисточниот дел од центарот на градот Африн ги делат уште еден и пол километар, а за целосна опсада на Африн и од јужната страна е потребно да се ослободат уште три и пол километри територија.
Во екот на напредувањето на турските сили и стегањето на обрачот околу центарот на Африн, терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ се концентрираа во центарот на градот, каде што ги донесоа цивилите од околните места за да ги користат како жив штит.
Од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ досега во Африн се ослободени пет града. Во продолжение на операцијата, турските сили имаат намера целосно да го заземат и центарот на подрачјето и преостанатото гратче Мабатли, кое се наоѓа северозападно од центарот на градот Африн.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно на правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.