Ekipa
06 Август 2019•Ажурирај: 07 Август 2019
ТУНИС (АА) - Мејса ал Абаси, боксерка на Тунис, одби да се бори против својата израелска противничка на Меѓународниот шампионат во бокс во Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
По ждрепката, 20-годишната Абаси требаше да се бори со противничката од Израел, но се повлече од натпреварот. Таа истакна дека е против секаков вид на нормализација на односите со израелската администрација и нејзините претставници.
Мурад ес Сахрави, тренерот на Абаси, истакна дека по извлечената ждрепка, туниската делегација од организаторите побарала да се смени противникот, но барањето било одбиено. По одбивањето на барањето Абаси донела одлука да се повлече од натпреварот.
- Наместо да ги крши своите принципи, Абаси одлучи да биде поразена -
Претседателот на Туниската боксерска федерација, Кемал Дукајш, за дописникот на АА, оценувајќи ги настаните, истакна дека правилата се во насока да не се политизира спортот, а да се промовира олимпискиот дух, затоа нормално е ова прашање да не биде регулирано.
Дукајш, истакнувајќи дека и туниската делегација на турнирот била известена дека боксерката ќе се повлече од натпреварот, рече дека претседателот на делегацијата, Омер ал-Хамзави, ја презел одговорноста и одлуката ја оставил на Абаси.
Тој, исто така нагласи дека Абаси, наместо да се однесува спротивно на своите принципи, решила да не се бори и да биде поразена.
- Одлуката на боксерката го подели јавното мислење во Тунис -
Овој настан на Меѓународниот турнир во бокс ги подели мислењата на туниските корисници на социјалните медиуми.
Некои од корисниците, споделувајќи ги своите размислувања, дадоа поддршка на одлуката на боксерката Абаси, други пак истакнаа дека Абаси требало да излезе на рингот и да ја победи противничката од Израел.
- Ваквата одлука на боксерката не е прва во Тунис -
Одлуката на боксерката Абаси не е прва во Тунис, а очигледно е дека нема да биде ниту последна.
Туниската мечувалка Аза Бесбес на турнирот во Италија во 2011 година одби да се натпреварува со противничката од Израел. Исто така, и тунискиот тенисер Онс Џабир во 2013 година одлучи да не се натпреварува со противникот од Израел.
Кошаркарот на Тунис, Салах ал Мекри, во 2017 година, објаснувајќи ја причината за заминувањето од Шпанија од тимот на Реал Мадрид, рече дека „одбил да учествува на натпреварот во Израел“. Тој, во изјавата исто така нагласи: „Израел не постои, постои Палестина.“