Kristina Maslareviç
27 Ноември 2015•Ажурирај: 28 Ноември 2015
БЕЛГРАД (АА) – Министерот за млади и спорт на Србија, Вања Удовчиќ, го отвори 4-тиот Меѓународен саем на спортот, кој се одвива под мотото „Средба на шампионите“, порачувајќи дека со гордост може да се рече дека изминатата година за српскиот спорт, е година која ги скрши сите рекорди со освоени 521 медали, јавува Anadolu Agency (AA).
„Петсто дваесет и еден пат Србија беше на победничкиот трон, толку пати се виореше нашето знаме, Србија е преставена како велесила во светот и она што вие го направивте 521 пат се почитува и јас како поранешен спортист ве молам, сите, да дадеме аплауз, токму за тие 521 медали, кои оставија сјајна година зад нас“, рече Удовчиќ.
Тој посака во следната, олимписка година, сите заедно да се радуваат на нови успеси и победи на српските спортисти.
„Ако едно дете после овој Саем, започне да се бави со спорт, ќе сметам дека овој Саем е успешен и дека вие (спортисти) успеавте“, рече меѓу другото министерот за млади и спорт на Србија.
На отворањето на Саемот присуствуваше директорот на канцеларијата на Советот на Европа во Белград, Тим Картрајт, кој во обраќањето рече дека одржувањето на Саемот е прекрасна идеја и дека никој не мора да биде врвен спортист за да учествува на Саемот, но се надева дека илјадници момчиња и девојки кои ќе го посетат ќе станат врвни спортисти.
Саемот го организира Спортскиот Сојуз на Србија, под покровителство на Министерството за млади и спорт, а во тек на три дена посетителите ќе можат да разговараат со претставници на бројни спортски сојузи, да се дружат со врвни спортисти, да присуствуваат на предавања од областа на медицината и исхраната, како и да ги проверат своите способности на бројни спортски полигони и терени.