Handan Kazancı
13 Јуни 2021•Ажурирај: 15 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Данскиот играч од средниот ред Кристијан Ериксен е стабилен и е во болница на понатамошни испитувања, откако колабираше на фудбалскиот терен за време на вчерашниот натпревар во рамките на ЕУРО 2020 против Финска, соопшти денес Данскиот фудбалски сојуз, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Утрово разговаравме со Кристијан Ериксен, кој испрати поздрав до своите соиграчи. Неговата состојба е стабилна, тој и понатаму останува во болница за понатамошни испитувања“, објави Фудбалскиот сојуз на Твитер.
„Екипата и персоналот на националниот тим ќе продолжат да бидат тука едни за други по вчерашниот настан“, се истакнува во соопштението во врска со вчерашниот натпревар на ЕУРО 2020 меѓу Данска и Финска во Копенхаген, каде што 29-годишниот фудбалер колабира за време на натпреварот.
„Би сакале да им се заблагодариме на сите за срдечните поздрави до Кристијан Ериксен од навивачите, играчите, кралските семејства од Данска и од Велика Британија, меѓународни асоцијации, клубови и итн.“, се додава во соопштението.
Вчера, при крајот на првото полувреме на стадионот „Паркен“ во Копенхаген, Ериксен се онесвести на теренот.
Медицинскиот персонал притрча за да му направи срцева масажа на 29-годишниот фудбалер на Интер Милан.
По нивните напори, Ериксен беше ставен на носилка и изведен од теренот.
Кога му ставија маска за кислород на носилката, можеше да се види како ја става левата рака на челото.
Данскиот тим формира кордон околу него за да го блокира фотографирањето и снимањето.
Ериксен е репрезентативец на Данска, за која од своето деби во 2010 година има постигнато 36 гола на 108 меѓународни настапи за својата репрезентација.
Како еден од најреномираните играчи во Европа, Ериксен играше за Ајакс и Тотенхем Хотспур пред неговото преминување во Интер во 2020 година.