БЕРЛИН (АА)
Европското фудбалско првенство започна со дуелот меѓу селекциите на Германија и Шкотска на стадинот „Алианц арена“ во Минхен, средба на која селекцијата на домаќинот прикажа извонреден перформанс и извојува победа од 5:1, известува Анадолу.
Европското фудбалско првенство ќе се игра во 10 града во Германија од 14 јуни до 14 јули, а токму селекцијата на земјата домаќин е сопственик на многубројни рекорди на европските првенства.
Германија и Шпанија се репрезентации со најголем број освоени титули шампион на Европа. Двете селекции по трипати биле прваци на Стариот Континент во фудбал.
Германија има најголем број настапи во финалето, најголем број учества на европските првенства, најголем број одиграни натпревари, најголем број постигнати погодоци и најголем број примени погодоци.
Селекцијата на Германија беше шампион на Стариот Континент во фудбал во 1972, 1980 и 1996 година, а Шпанија го постигна тоа на првенствата во 1964, 2008 и 2012 година.
Годинашниот домаќин настапи и во финалето во 1976, 1992 и 2008 година.
Од 1972 година досега Германија не пропушти ниту едно европско првенство во фудбал. Со вечерниот дуел Германија ќе настапи на 14. Европско првенство. Германија е репрезентација со најголем број победи, дури 27, има постигнато 78 погодоци, но има и примено најмногу, 55 погодоци.

- Рекорди на Шпанија
Шпанија, исто така, на трипати ја освојуваше шампионската титула на Европа. Селекцијата на Шпанија првата титула ја освои во 1964 година. По вторпат тоа и успеа во 2008, а во 2012 ја одбрани титулата од претходното првенство.
Репрезентацијата на Шпанија на првенствата во 1964, 1996, 2008, 2012 и 2020 година натпреварите во регуларниот тек ги заврши без пораз.
Шпанците се сопственици на рекордот и кога во прашање е одбраната. Во 2012 година на Европското првенство „издржаа“ дури 509 минути без примен гол.
Селекцијата на Англија важи за еден од фаворитите на овогодинешното првенство, но Англичаните се познати и како „најнесреќна“ репрезентација на европските првенства, бидејќи се во самиот врв по бројот на настапи, но без освоена титула.
Англичаните досега настапија на 10 европски шампионати, а на првенствата во 1996, 2012 и 2020 година не претрпеа пораз, но сепак испаднаа.
Најголем број на претрпени порази на европските првенства има селекцијата на Данска, додека Италија е репрезентација со одиграни најголем број нерешени средби.
Данска на европските првенства загуби 17 натпревари, додека Италија забележа дури 18 нерешени средби.
Најмалку, по еден погодок на европските првенства постигнале селекциите на Албанија, Финска, Летонија и Норвешка. Најмалку примени голови, само еден, има Норвешка.
- Седум средби меѓу Италија и Шпанија
Најмногу меѓусебни дуели на европските првенства одиграа селекциите на Шпанија и Италија.
Овие две селекции се имаат сретнато 7 пати, и тоа во 1980, 1988, 2008, 2012 (две средби), 2016 и 2020.
Најефикасна селекција на едно европско првенство се Французите. „Триколорите“ на шампионатот на Стариот континент во 1984 година постигнаа 14 погодоци.
- Роналдо рекордер по бројката на настапи на европските првенства
Кристиајно Роналдо, капитенот на селекцијата на Португалија и еден од најдобрите фудбалери на светот на сите времиња, ќе настапи на своето 6-то европско првенство.
Роналдо со настапот на овогодинешното 17. Европско фудбалско првенство што се игра во Германија ќе стане првиот фудбалер кој играл на шест европски шампионати.
Португалецот е рекордер и по бројот на настапи, дури 25, а на теренот минал 2.153 минути. Тој е фудбалер кој намногу пати бил капитен на репрезентацијата, на дури 16 средби.
Роналдо е рекордер и по бројот на постигнати погодоци на евроспките првенства. Тој има постигнато 14 погодоци на европските шампионати и 31 во квалификациите. Португалија на ЕВРО 2024 ќе настапи во групата Ф и е еден од главните фаворити за пласман во финалето, бидејќи во квалификациите има 100% учинок.
Најмладиот фудбалер кој настапил на едно европско првенство беше Полјакот Кацпер Козловски. Овој играч од средината на теренот на ЕВРО 2020 заигра на возраст од 17 години и 246 дена.
Најбрзиот погодок на европските првенства го постигна Русинот Дмитри Кириченко, Тој на ЕВРО 2004 постигна погодок во 68. секунда затресувајќи ја мрежата на селекцијата на Грција.
- Најдоцниот погодок во сопственост на Туркије
Турскиот напаѓач Семих Шентурк е сопственик на „најдоцниот“ погодок на еден натпревар на европсктие првенства. Тој на ЕВРо 2008 против Хрватска постигна погодок во продолженијата (120+2 минута).
Рекорден број на гледачи на натпревар од Европското првенство е забележан на фудбалското првенство во 1964 година во Шпанија. Натпреварот меѓу селекциите на Шпанија и Советскиот Сојуз на стадионот „Сантјаго Бернабеу“ го следле 79.115 навивачи.