Fatih Erel
09 Февруари 2024•Ажурирај: 11 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА)
Женската кошаркарска репрезентација на Ирска го одби традиционалното ракување со израелските кошаркарки пред натпреварот, откако кошаркарка од спротивниот табор излезе со тврдење дека ирскиот тим е антисемитски, пренесува Анадолу.
Во пресрет на натпреварот од квалификациите за Еуро баскет за жени на ФИБА 2025 година, вчера, Кошаркарската асоцијација на Израел објави интервју со израелската кошаркарка Дор Сар во кое се содржани овие тврдења.
Дор Сар за ирскиот тим рече: „Се знае дека се прилично антисемитски и тоа не е тајна. Можеби затоа се очекува силна игра“.
Тензиите дополнително ескалираа пред натпреварот против Израел што се одигра во Летонија вчера.
На церемонијата пред натпреварот во Рига, главниот град на Летонија, ирските кошаркарки одлучија да ја пеат националната химна покрај аутлинијата на теренот, додека кошаркарките на Израел стоеја на теренот.
Натпреварот првично требаше да се одржи во Израел минатиот ноември, но беше одложен поради конфликт во регионот, а подоцна беше презакажан за неутрално место во Летонија овој четврток.
Во пресрет на натпреварот, извршниот директор на Basketball Ireland, Џон Филанд, рече дека тимот што ги бојкотира натпреварите со Израел „ќе добие огромни казни од страна на ФИБА (кошаркарското раководно тело) во висина до 180.000 евра и ефективни пет години забрана за настапување на тимот“.
Ирска го загуби натпреварот со 87:57.
Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, при што загинаа најмалку 27.947 Палестинци и беа повредени 67.459 други.
Според ОН, израелската офанзива остави 85 отсто од населението во Газа внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
Во 1980 година, Ирска влезе во историјата со тоа што стана првата членка на Европската Унија која официјално повика на формирање на палестинска држава. Иако Ирците не се познати по антисемитизмот, Владата и нејзиниот народ генерално имаат длабока емпатија за палестинската кауза, вкоренета во нивните сопствени историски неволји.