АНКАРА (АА) - Кошаркарскиот тим Лос Анџелес Лејкерс изминатата ноќ го прекина својот медиумски молк и за првпат објави порака на социјалните мрежи по трагедијата во која животот го загуби неговата легенда Коби Брајант, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Скршени сме и засекогаш ќе се промени сѐ поради ненадејната загуба на Коби Брајант и неговата ќерка Џијана“, напиша тимот на социјалните мрежи Инстаграм и Твитер.
Во знак на изразување сочувство на сопругата на загинатиот кошаркар Брајант и семејствата на останатите загинати во хеликоптерската несреќа, тимот додаде: „Испраќаме љубов до Ванеса и семејството, како и до семејствата на сите настрадани патници.“
„Со зборови не може да се опише колку Коби значеше за ЛА Лејкерс, за нашите фанови и за градот. Тој беше повеќе кошаркар, беше татко, сопруг и соиграч. Нивната љубов и топлина ќе останат во нашите срца засекогаш.“
Покрај легендарната кошаркарска ѕвезда Коби Брајант (41) и неговата 13-годишна ќерка Џијана, во хеликоптерската несреќа загинаа и нејзината соиграчка од кошаркарската екипа, Алиса Алтобели, нејзиниот татко Џон Алтобели, кој бил тренер на бејзбол-тимот во калифорнискиот колеџ „Оринџ Кост“ и неговата сопруга и мајка на Алиса, Кери Алтобели.
Меѓу останатите загинати патници се наоѓаат Кристина Маузер (38), кошаркарски тренер од училиштето „Харбор деј“, каде што учела Џијана, Пејтон Честер (13), ученичка, нејзината мајка Сара Честер (45) и пилотот Ара Зобајан.
- „Коби и Џиџи знаеја колку се длабоко сакани“ -
Сопругата на легендарниот кошаркар, Ванеса Брајант, на социјалните мрежи објави исто така емотивна порака по несреќата.
„Заедно со моите девојки сакаме да се заблагодариме на милионите луѓе кои покажаа поддршка и љубов за време на овој ужасен период. Ви благодарам за сите молитви. Дефинитивно ни се потребни. Ние сме целосно скршени за ненадејната загуба на мојот прекрасен сопруг Коби, неверојатниот татко на нашите деца, и мојата убава, слатка Џијана, љубена, внимателна и прекрасна ќерка и неверојатна сестра на Наталија, Бјанка и Капри“, напиша Ванеса на нејзиниот профил на Инстаграм.
„Тажни сме и за семејствата кои ги загубија саканите во неделата и сочувствуваме со нивната тага. Не постојат доволно зборови да се опише нашата болка во моментов. Се радувам затоа што знам дека Коби и Џиџи знаеја колку се длабоко сакани. Бевме благословени што ги имавме во нашите животи. Посакував да се тука со нас засекогаш. Беа две преубави души кои се одземени од нас прерано.“
„Не знам што носи животот по ова што се случи, невозможно е да се замисли животот без нив. Но, се будиме секој ден обидувајќи се да продолжиме понатаму затоа што Коби и нашето девојче Џиџи за нас се светлина која ни го осветлува патот. Нашата љубов за нив е бескрајна и тоа не е мерливо. Само посакувам да можев да ги прегрнам, бакнам и да ги благословам. Да ги имам овде со нас, засекогаш.“
„Благодарам што ја споделивте вашата радост, вашата тага и вашата поддршка со нас. Бараме од вас почит и приватност кои ни се потребни да се навикнеме на новата реалност“, напиша сопругата на загинатиот кошаркар.
Закажаниот натпревар за вчера меѓу ЛА Лејкерс и ЛА Клиперс беше исто така одложен поради комеморациите во чест на Коби Брајант.
news_share_descriptionsubscription_contact
