Kemal Zorlak
09 Мај 2024•Ажурирај: 09 Мај 2024
МАДРИД (АА) - Фудбалерите на Реал Мадрид со драматичен пресврт славеа синоќа на реванш-средбата од полуфиналниот дуел на УЕФА Лигата на шампиони против Баерн Минхен со резултат 2:1 и се пласираа во финалето, каде што ќе играат против Борусија Дортмунд, известува Анадолу.
Баерн Минхен поведе со 0:1 во 68. минута со погодокот на Алфонсо Дејвис. Гостинскиот тим го имаше ова водство до 88. минута, кога Реал Мадрид за само три минути успеа да направи пресврт и да поведе со 2:1.
Првото полувреме од натпреварот што се одигра на стадионот Сантјаго Бернабеу во Мадрид заврши без погодоци 0:0. Реал Мадрид имаше можност да поведе во 13. минута кога кон голот на Баерн удар упати Винициус Џуниор, но голманот Мануел Нојер успеа да ја допре топката и таа ја погоди стативата. Одбиената топка повторно дојде до Винуциус Џ., кој повторно шутираше кон голот на гостите, но и овојпат Нојер беше поуспешен и не дозволи да биде совладан.
Реал Мадрид офанзивно го започна второто полувреме. Винициус Џуниор имаше неколку изгледни можности, но Нојер одлично се справуваше со играчите на Реал М.
„Баварците“ поведоа во 68. минута со извонредниот погодок на Канаѓанецот Алфонсо Дејвис, на асистенција на Хери Кејн.
Само три минути подоцна, во 71. минута, Реал постигна гол, но полскиот судија Шимон Марцињак со помош на ВАР-технологијата го поништи погодокот поради фаул во напад од страна на Начо.
Во 81. минута од средбата Реал Мадрид направи измена и на местото на Валверде влезе Хоселу. Се покажа дека оваа измена го смени текот на полуфиналето. Веќе во 88. минута Хоселу постигна гол за Реал Мадрид и го изедначи резултатот на 1:1. Кога сите помислуваа дека ќе се оди на продолженија, Хоселу приреди уште едно изненадување. Во 91. минута од средбата тој го постигна својот втор погодок на средбата за водство на Реал Мадрид од 2:1.
На самиот крај од средбата Баерн Минхен постигна погодок, но судијата досуди недозволена позиција, по што жестоко реагираа фудбалерите и клупата на Баерн Минхен.
Во вторникот тимот на Борусија Дортмунд на реванш-средбата како гостин го совлада Париз Сен Жермен со резултат 0:1 и се пласира во финалето на УЕФА Лигата на шампиони.
Финалето во Лигата на шампиони, во кое ќе се сретнат Реал Мадрид и Борусија Дортмунд, е закажано за 1 јуни и ќе се игра на стадионот Вембли во Лондон.