Halis Sünnetci
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
Бразилската фудбалска легенда Роналдињо пристигна во Италија вчера за да се ѝ приклучи на Равена, од Серијата Ц, со што го означи своето враќање во професионалниот фудбал 11 години по последниот настап, јавува Анадолу.
Поранешната ѕвезда на Барселона и Милан во јуни потпиша договор со италијанскиот третолигаш, а истовремено се стекна и со сопственички удел во клубот.
Роналдињо беше претставен пред илјадници навивачи за време на презентацијата на тимот на Равена, одржана на плажата Марина ди Равена.
Од клубот соопштија дека тој официјално ќе биде регистриран како играч, со што ќе има право да настапува во Серија Ц.
Четириесет и шестгодишниот Роналдињо се надева дека ќе го постигне својот 300. гол во кариерата, иако сè уште нема одредено датум за неговото деби за Равена, а не е познато ниту на колку натпревари ќе настапи.
„Ако се случи тоа, ќе биде уште поубаво“, изјави Роналдињо на прашањето за достигнувањето на оваа бројка.
„Не знам, тоа зависи од претседателот и од тренерот. Дојдов овде поради пријателството што го имаме. Ќе видиме, најважно е тимот да игра добро. Јас сум тука за да помогнам“, додаде тој.
Претседателот на Равена, Игнацио Чипријани, изјави дека негов сон е Роналдињо да го постигне последниот гол во својата кариера токму за овој клуб.
Роналдињо нема да настапи за Равена на првиот натпревар во Серија Ц, на гостувањето кај Реџана во понеделник.
Бразилецот последен пат професионално настапи за Флуминенсе во 2015 година, а официјално го објави своето пензионирање во 2018 година.
Роналдињо беше дел од репрезентацијата на Бразил што ја освои титулата на Светското првенство во 2002 година, а во 2005 година ја освои „Златната топка“. Со Барселона ја освои Лигата на шампиони, а со Милан стана шампион на Италија.
Минатата сезона Равена го освои третото место во групата Б од Серијата Ц и има амбиции да се врати во Серија Б, каде што последен пат играше во сезоната 2007/2008.