Hüseyin Burak Demirer
01 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Во женското финале на Австралија Опен 2020 во поединечна конкуренција, Софија Кенин со 2:1 во сетови (4:6, 6:2, 6:2) ја совлада Шпанката Гарбине Мугуруза и стана новиот шампион на Австралија опен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во финалето на првиот овогодишен тениски грен слем турнир, што се одржува во австралискиот град Мелбурн, се сретнаа Шпанката Мугуруза, која е освојувачка на Роланд Гарос 2016 и на Вимблдон 2017 година, и Американката Кенин, на која ова ѝ беше прво грен слем финале.
Првиот сет го освои Мугуруза со резултат 6:4. Во вториот сет гледавме една сосема друга Кенин. Со прв сервис од 74 %, 100 % на вториот сервис и направени само 4 едноставни грешки, Кенин го освои вториот сет со 6:2, изедначувајќи го резултатот на 1:1
Во третиот сет, Мугуруза имаше можност да направи брејк во 5-тиот гем, но откако не успеа во тоа, во својот сервис направи двојна грешка и ѝ дозволи на Кенин да направи брејк за 4:2 во гемови. По таквиот развој на играта, Мугуруза, поранешниот светски рекет број еден, ја загуби концентрацијата и ѝ дозволи на Кенин да ја преземе играта во свои раце за на крајот со 6:2 да го освои третиот сет и да победи со 2:1 во сетови.
Ова е прва грен слем титула за 21-годишната Кенин, 4. титула во поединечна конкуренција.
По освојувањето на Астралија опен, Кенин се искачи на 7. место од светската ранг-листа на тенисерки во женска конкуренција, а за освојувањето на шампионската титула на овој грен слем турнир е наградена со 4,12 милиони австралиски долари (околу 2,5 милиони евра).
Утре во машкото финале на Австралија опен се среќаваат Србинот Новак Ѓоковиќ и Австриецот Доминик Тим.