Abdulbesar Ademi
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, е уапсен под сомнение за сторени кривични дела проневера и злоупотреба, пренесува Анадолу.
Според Министерството за внатрешни работи, Сејдини е приведен од полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, како и од Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје.
Од обвинителство соопштуваат дека истрагата е сѐ уште во тек и дека повеќе информации ќе бидат објавени по завршување на процесните дејствија.
„Полициски службеници лишија од слобода едно лице поради дејства што упатуваат на сомненија за сторени кривични дела проневера и злоупотреба. Сѐ уште се преземаат дејства по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствата кои се во тек“, соопшти Обвинителството.
Сејдини беше на чело на ФФМ два мандата, од 2019 до 2025 година.
Во февруари оваа година, тој беше суспендиран на две години од страна на ФФМ поради измама и злоупотреба на овластувањата.
Дисциплинската комисија на ФФМ утврди дека Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 %, кој не бил дел од прифатената понуда за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Авансот бил исплатен без банкарска гаранција и без соодветно овластување.
Според комисијата, со ова Сејдини го измамил Управниот одбор на Федерацијата, предизвикувајќи значителна материјална штета на институцијата, поради што му била изречена соодветна дисциплинска санкција.