Elvır Hodzıc
09 Ноември 2023•Ажурирај: 09 Ноември 2023
АНКАРА (АА)
Во групите А, Б, Ц и Д синоќа се одиграа натпреварите од четвртото коло на УЕФА Лигата на шампиони. Најголемо внимание привлекоа дуелите од групата А, во која Баерн Минхен го совлада Галатасарај со 2:1, а Копенхаген во трилер завршница го совлада Манчестер Јунајтед со 4:3, известува Анадолу.
Натпреварот Баерн Минхен - Галатасарај што се одигра на Алијанц Арената во Минхен, го следеа повеќе од 75.000 гледачи. Првото полувреме заврши без погодоци, 0:0, а победата на Баварците им ја донесе двојниот стрелец Хари Кејн со головите во 80. и 86. минута. Единствениот гол за Галатасарај го постигна Кедрик Бакамбу во судиското продолжение 90+3 минута.
Во вториот натпревар од оваа група, Копенхаген на домашен терен го пречека Манчестер Јунајтед. Во овој трилер натпревар, гостите први дојдоа до предност од 0:2 благодарение на головите на Расмус Хојлунд. По ова водство, во 42. минута од средбата, Маркус Рашфорд невнимателно стартуваше над противничкиот играч. И покрај тоа што судијата не реагираше, по сугестија од ВАР-собата, на Рашфорд му беше доделен црвен картон, настан што го смени текот на натпреварот.
Во последните минути од првото полувреме данскиот претставник успеа да постигне 2 погодоци за изедначување на резултатот на 2:2. Головите ги постигнаа Мохамед Ељунуси во 45. минута и Диого Гонсалвеш во судиското продолжение 45+9 минута со удар од белата точка.
Во второто полувреме Бруно Фернандес му донесе предност на Манчестер Јунајтед од 2:3, но Копенхаген набргу го изедначи резултатот на 3:3 со погодокот што го постигна Лукас Лерагер. Победничкиот гол за Копенхаген, за конечни 4:3 го постигна 17-годишниот Рони Бардгџи во 87. минута од натпреварот.
| Група А | Бодови |
| 1. Баерн Минхен | 12 |
| 2. Копенхаген | 4 |
| 3. Галатасарај | 4 |
| 4. Манчестер Јунајтед | 3 |
Во групата Б синоќа Арсенал ја совлада Севиља со 2:0, а ПСВ со минимални 1:0 извојува победа над Ленс.
| Група Б | Бодови |
| 1. Арсенал | 9 |
| 2. ПСВ | 5 |
| 3. Ленс | 5 |
| 4. Севиља | 2 |
Во групата Ц, Реал Мадрид на домашен терен ја пречека Брага. Домаќините извојуваа убедлива победа од 3:0. Во вториот натпревар од истата група Наполи одигра нерешено против Унион Берлин 1:1.
| Група Ц | Бодови |
| 1. Реал Мадрид | 12 |
| 2. Наполи | 7 |
| 3. Брага | 3 |
| 4. Унион Берлин | 1 |
Во групата Д, Интер извојува минимална победа од 0:1 на гостувањето во Салцбург. Во истата група Реал Сосиедад на домашен терен беше поуспешен од Бенфика и победи со 3:1.
| Група Д | Бодови |
| 1. Реал Сосиедад | 10 |
| 2. Интер | 10 |
| 3. Салцбург | 3 |
| 4. Бенфика | 0 |
Натпреварите од петтото коло од групната фаза на УЕФА Лигата на шампиони ќе се одиграат на 28 и 29 ноември.