Dzihat Aliju
04 Октомври 2018•Ажурирај: 05 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот турски интернационалец и играч на Галатасарај, Умит Каран е новиот технички директор на македонскиот фудбалски клуб Шкупи, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата одржана во Скопје, спортскиот директор на ФК Шкупи, Омер Буњаку, информираше дека покрај промените во раководството, направени се промени и на позицијата технички директор.
Буњаку истакна дека новиот генерален директор на клубот ќе биде Туфан Даш, а на позицијата технички директор е поставен поранешниот турски интернационалец Умит Каран, кој има богата спортска кариера.
„Му посакуваме успех и се надеваме дека ќе дојдеме до победи“, изјави Буњаку.
Генералниот директор Туфан Даш изјави дека се наоѓа во Македонија за спонзорство на клубот Шкупи, што е дел од еден голем фудбалски проект на Турција. Тој изјави дека ќе работи за успех на овој клуб со традиција.
Умит Каран изјави дека за последен пат ја посетил Македонија заедно со турската репрезентација. „Фудбалот се развил, голема е веројатноста да најдеме талентирани фудбалери. На Балканот веќе успеваат многу добри играчи. Тоа е една од причините за нашето доаѓање. Сакаме да обучиме млади играчи и да создадеме големи фудбалери. Шкупи е клуб со традиција и тоа е една од причините на нашиот избор“, рече Умит Каран.
- „Дојдовме Шкупи да го направиме светски бренд“
Каран посочи дека ФК Шкупи во досегашното натпреварување во македонската лига не постигнал добар резултат. Тој истакна дека меѓу целите е подобрување на состојбата и учество на клупски играч во репрезентацијата.
Како една од главните цели, Каран истакна дека е создавање млад и динамичен тим кој секоја година ќе учествува во европските купови. „Ние тука дојдовме за Шкупи. Дојдовме Шкупи да го направиме светски бренд, но тоа не можеме да го направиме самостојно. Многу сум среќен што сум тука, се надевам дека ќе постигнеме успех. Сигурно поголемиот дел од вас се прашуваат: Зошто Умит Каран дојде тука? Станува збор за голем проект, од кој ФК Шкупи претставува најголемиот дел. Дојдов да го спроведам тоа на најдобар начин. Се разбира дека ги очекуваме навивачите. Тие секогаш се 12-тиот играч на тимот“, зборуваше Умит Каран.
По прес-конференцијата, Каран зборуваше со дописникот на АА. Рече дека многу ги сака сите балкански земји, првенствено Македонија и Босна и Херцеговина, и истакна дека за него претставува голема чест тоа што на клубот ќе му ја даде својата поддршка и помош.
Каран рече дека е потребно откривање на талентите од Балканот и нивно развивање. „Знаете дека во Турција постои проблем околу подмладокот, немаме фудбалери од подмладокот. Ќе се стремиме оттука да создадеме фудбалери. Доколку и со клубот постигнеме добри резултати, тоа ќе значи долгорочна работа за нас. Стоиме зад еден многу голем проект. Создавајќи подмладок, во исто време планираме да отвориме и фудбалски школи“, изјави Каран.
Осврнувајќи се кон краткорочните цели, Каран продолжи со зборовите:
„Првенствено е потребно клубот да се поправи. Сѐ е поврзано со крајниот успех, во фудбалот доколку не постигнеш добар резултат, не можеш да направиш нешто добро. Доколку постигнеме добри резултати, ако се спасиме од долниот дел на табелата, тогаш во вториот дел, ако направиме добри трансфери, мислам дека клубот повторно ќе може да се најде на горните позиции.“
ФК Шкупи се наоѓа на последната позиција во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) со освоени 5 поени.